Титов колач: Пробајте го омилениот десерт на поранешниот лидер на Југославија

2 mins read

За ниту еден десерт како овој совршен микс од чоколадо и ореви, со толку сочна кремаста структура, не кружеле толку многу гласини. Се зборувало дека рецептот е добро чувана тајна на Јосип Броз Тито, поранешниот лидер на Југославија.

Кога рецептот протекол во јавноста, се зборувало дека по него полудел цел Балкан. А, најголемата љубопитност дошла преку гласините дека е направен исклучиво за гурманското непце на Тито, кој важел за голем хедонист.

Велат дека толку многу го обожавал, што неговиот личен слаткар морал да го приготвува секој ден. Се шпекулира дека во колачот, така едноставно наречен Титов колач, уживале многу светски познати личности, гости на Тито, како холивудските ѕвезди Елизабет Тејлор и Ричард Бартон.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Па, време е и вие да уживате во овој божествен и неповторлив колач.

Титов колач

Состојки за кората:

– 4 јајца
– 200 гр шеќер
– 1 ванилин шеќер
– 100 гр мелени ореви
– 5 лажици ладно црно кафе
– 5 лажици брашно
– 1 прашок за пециво
– 3 лажици масло

Подготовка:

Одвојте ги белките од жолчките, со миксер изматете ги белките. Во жолчките додадете шеќер, изматете ги, па додадете им масло. Додадете кафе во жолчките, промешајте, па додадете ги брашното, прашокот за пециво, оревите. Добро промешајте и додадете ги белките.
Смесата сипете ја во плех, кората печете ја во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30 минути.

Првиот крем:

– 400 мл млеко
– 5 лажици брашно
– 2 жолчки

Во млекото се ставаат жолчките, се додава брашното, се матат со миксер и се ставаат на оган додека малку да зовријат, до смеса со густина како пудинг.

Вториот крем:

– 200 гр маргарин
– 10 лажици шеќер
– 1 ванилин шеќер
– 100 гр растопена чоколада
– 3 лажици ореви

Подготовка:

Чоколадото растопете го на пареа, додадете маргарин, промешајте. Додадете шеќер, ванилин шеќер и ореви. Сè добро измешајте.

Полека соединете ги двата крема, внимавајте сѐ добро да се соедини со мешањето. Тестото намачкајте го со кремот и посипете го со рендано чоколадо и со многу мелени ореви. Оставете убаво да се излади, исечете на коцки и по желба послужете со шлаг.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Албанка фатена на аеродромот во Истанбул, сакала да шверцува злато

Следно

Бурно е во соблекувалната на Јунајтед: Фудбалерите го отпишаа Рангник

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian