Собранието вечерва ги избра замениците на владините министри

2 mins read

Со 63 гласа „за”, 35 „против” и без воздржани гласови, Собранието вечерва ги избра шеснаесеттемина заменици на министрите во Владата, предложени од премиерот Димитар Ковачевски.

За заменик-министер за одбрана е избран Башким Хасани, за заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши, за правда Агим Нухиу, а за надворешни работи Фатмире Исаки.

Во Министерството за финансии за заменик-министер е изгласан Филип Николоски, во Министерството за економија Зоран Маневски, а во Министерството за земјоделство Абдулшуќур Абедини. За заменик на министерот за здравство е изгласан Владимир Рендевски, во Министерството за образование и наука за заменик е избран Љуљзим Алиу, додека во Министерството за труд и социјална политика – Енвер Хусеин.

За заменик-министер за локална самоуправа е избран Зоран Димитровски, за култура Даим Лучи, за информатичко општество Александар Бајдевски, за транспорт и врски Беким Реџепи и за животна средина Христина Оџаклиевска. Во Министерството за политички систем за заменик-министер е избран Џабир Доко.

Премиерот во завршното обраќањето пред пратениците, изјави дека најважно е да работат искрено, посветено, стручно и ефикасно.

-Таква матрица, таква методологија, таква работна сфера, таква контрола и одговорност побарав и нема да отстапам за сите врвни владини позиции, како и за министрите така и за заменик-министрите. Како што најавив имаме план, со рокови, обврски, носители на задачи и начин за мерење на ефектите врз животот на граѓаните. Нашиот пристап е јасен, искрен и мерлив. Сите работи – минати, сегашни и идни јасно ги соопштувам на јавноста и зад нив стојам, бидејќи личниот образ, одговорноста и системот на вредности за мене се врвни критериуми и така барам да се однесуваат и останатите, рече Ковачевски

Опозицијата, пак, обвини дека е непрофесионален начинот на кој се предложени заменик-министрите, дел од нив немаат соодветно образование и познавање за назначената функција и оти голем дел од нив се од составот на претходната Влада, предводена од Зоран Заев. Оваа функција, според ВМРО-ДПМНЕ е непотребна и треба да се укине. Тие повторно побараа предвремени парламентарни избори, поради лошото менаџирање со кризата предизвикана од пандемијата.

По изборот на заменик-министрите, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина работата по 62. седница, а продолжението, како што рече, дополнително ќе биде закажано.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Земјотрес во НБА, Харден разменет во Филаделфија

Следно

Клековски: СДСМ сака да помине листа на уставни судии кои се неприфатливи за опозицијата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian