Интервју со Милена Антовска Станковска: Ја родив Јоана во ковид-центар, првпат ја видов по три дена

11 mins read

За познатата ТВ-водителка Милена Антовска Станковска 2022 година почна на најубав начин. Милена на големиот празник Василица го доби најубавиот подарок. Водителката стана мајка по вторпат, на свет ја донесе ќерката Јоана. Меѓу другото, интересно е тоа што Милена имаше две причини за славење – на Василица ја роди Јоана, а само ден претходно, убавата водителка го прослави својот 35-ти роденден. Милена ексклузивно за „Слободен печат“ сподели и еден непријатен период, иако краток, со кој се соочила при породувањето. Водителката се породи во ковид-центарот на Клиниката за гинекологија и акушерство Скопје.

Милена Антовска Станковска/Фото: Приватна архива

Милена, честитки, станавте мајка по вторпат. Вие и сопругот Гордан веќе сте родители и на четиригодишната Лана Марија. Новородената ќерка Јоана во кој сегмент најмногу ви го промени секојдневието и генерално животот?

– Ви благодарам многу на убавите зборови и на честитките. Вие бевте едни од првите што ме контактиравте кога се дозна дека сум бремена и навистина многу ви благодарам. Да, по вторпат во улога на мајка, по вторпат во улога на родители, и можам да кажам дека сме навистина пресреќни. Во нашиот дом пристигна уште едно девојче, на кое решивме да ѝ го дадеме името Јоана. Чувството е прекрасно и незаменливо, иако е малку тешко на почетокот, но сме неизмерно среќни и очекуваме уште поубави мигови допрва да ни доѓаат.

Мислам дека допрва ќе ни се менува животот и ќе имаме многу различни моменти на коишто засега не сме навикнати со едно дете. Најпрво ритамот на спиењето ни е променет, секако дека не спиеме толку како што спиевме пред да се породам, но тоа е нормално, кога има новороденче во еден дом. Другите работи се сменети на поубаво, што значи – повеќе среќа, повеќе радост, повеќе смеење, поубави очекувања во иднина.

Јоана ви дојде како роденденски подарок, бидејќи вие еден ден претходно го прославивте вашиот роденден, што секако е неповторливо искуство. Како изгледаше сето тоа?

– Никогаш не сум добила поубав подарок за роденден и тврдам дека нема никогаш да добијам. За малку мислев дека ќе се породам токму на мојот роденден, на 13 јануари, на Василица или Стара нова година, но ете Јоана сакаше да почека уште еден ден, односно да си има свој ден и да се роди на празник, на Свети Василиј односно на Василица, за да не биде „покусо“ од сестра ѝ Лана Марија којашто е родена на 28 август на празникот Голема Богородица. Ете, Јоана сакаше да си се роди на свој ден, на свој празник. Инаку, роденденот не го почувствував, не ни мислев на мојот роденден, бидејќи токму тој ден бев двапати на преглед, лекарите сакаа да ме видат, односно мојот лекар, д-р Јосиф Ѓоревски, кој ме породи и првиот пат со Лана Марија и вториот пат со Јоана, сакаше да бидам таму во близина, бидејќи се очекуваше секој момент да се породам.

Милена Антовска Станковска/Фото: Приватна архива

Поминавте низ едно искуство што не го поминуваат сите родилки. Се породивте во ковид-центарот на Kлиниката за гинекологија и акушерство (ГАК). Споделете ги со нас специфичните моменти.

– Да, ова што ќе го споделам сега со вас, всушност не го споделив со никој, го знаеја само моите најблиски. Искрено, не ни планирав да го споделам во јавност, затоа што сметав дека нема некоја посебна потреба, но ете вие како вистински професионалци од сосема друга страна сте дознале дека се породив на ГАК, но на одделот каде што лежат пациентки позитивни на ковид-19. За жал, по вторпат прележав ковид, но за среќа, со многу лесни симптоми, или можам да кажам дека вториот пат без никакви симптоми, затоа што јас сосема случајно дознав дека сум позитивна на ковид. Бидејќи јас и сопругот имавме некој контакт со личност позитивна на коронавирус сосема случајно, одлучивме да се тестираме, јас се тестирав затоа што бев бремена и не сакав да оставам на случајност и не дај Боже нешто да се искомплицира. Сакав да бидам сигурна и да знам дали сум позитивна или не на ковид.

Какви се протоколите за трудниците, односно за родилките позитивни на коронавирус во ковид-центарот? Дали бебето веднаш се изолира од мајката? Кога го имавте првиот контакт со Јоана?

– Генерално сум задоволна од третманот што го имав на клиниката. Во оваа прилика сакам да го поздравам докторот што ме породи и првиот и овој пат – д-р Ѓоревски и целиот тим што беше со него тој ден. Жал ми е што немав можност да ги запаметам имињата на персоналот додека престојував на ГАК, за јавно да им се заблагодарам, но ако го читаат ова интервју нека знаат дека сум им многу благодарна на сите што ми помогнаа во текот на тие три-четири дена додека бев таму. За жал, морав да се породам со царски рез, буквално во последен момент се искомплицираа работите, иако бебето цело време си беше наместено за природно породување.

Инаку, децата веднаш ги изолираат од мајките, јас Јоана ја видов дента кога нѐ пуштија дома и многу ми беше тешко што не ја гледав три дена. Но, издржав некако затоа што знаев дека тоа е за нејзино добро. Воопшто не мислев на себе, во главата ми беше само таа да биде добра и постојано прашував и сакав да знам што се случува со неа.

Една недела буквално не можев да станувам од кревет, нормално дека имав помош, и не можев да ги извршувам обврските на кои сум навикната постојано сама да ги правам, навистина многу ме болеше. Но ете таа недела некако помина и сега како да не било, затоа што сум преокупирана со двете деца, со убави работи и не сакам да мислам на лошите моменти што ги искусив во текот на процесот на породување, на деновите во болница, деновите на закрепнување…

Јоана ќе направи речиси четири недели и се надевам дека како што ќе поминува времето, уште повеќе ќе ги заборавам лошите работи, а ќе се сеќавам само на убавите моменти.

Кои ковид-симптоми ги имавте и дали примавте посебна терапија или третман со оглед на тоа дека бевте бремени?

– Примав некоја терапија, но нешто што е веројатно повеќе од предострожност, затоа што немав никави симптоми. Крвната слика ми беше сосема во ред, но повеќе за тоа знаат самите лекари. Јас иако сакав да знам што се внесува во моето тело, сепак, не им се мешав во работата, тие се лекари, тие знаат што и како прават.

Милена Антовска Станковска/Фото: Приватна архива

Кога би направиле паралела помеѓу двете бремености и мајчинството, сега сте мајка на две девојчиња, дали постои некоја голема разлика и во поглед на бременоста и во обврските околу бебето и Лана Марија?

– Што се однесува до првата и втората бременост, двете бремености ми беа многу поразлични. Со Лана Марија како да не бев бремена, немав никакви тегоби, буквално до последниот ден бев излезена и носев високи потпетици. Со Јоана навистина ми беше потешко, речиси два месеца порано се повлеков од работа, затоа што имав отежната бременост, имав и некои други здравствени проблеми, итн. Но сега е сѐ во ред и се надевам дека така и ќе остане.

Како Лана Марија го прифати пристигнувањето на новиот член во вашето семејство? Дали ја покажува познатата детска љубомора кога е во прашање Јоана?

– На Лана постојано ѝ зборувавме дека ќе имаме нов член во нашето семејство, дека таа ќе биде постарата дадичка, дека таа ќе треба да ми помага, да се грижи за неа, да биде малку помирна и потивка кога Јоана ќе спие итн. Така што целиот тој процес го изодевме заедно јас и сопругот со неа, воопшто не ја двоевме и сега не ја двоиме. Сѐ заедно правиме за таа да не се почувствува оттргната, изоставена, буквално сѐ правиме заедно за и таа да чувствува и знае дека има уште посебно место во нашите срца, како што ќе биде секогаш – нормално и за неа и за нејзината сестра.

Лана е супер, одлична е како сестра, мене многу ми помага, навистина сум многу позитивно изненадена. Но, понекогаш покажува и инает и љубомора. Сака постојано да биде до сестра ѝ. Ние ѝ го дозволуваме тоа, освен кога Јоана спие, а Лана Марија баш тогаш најмногу сака да ја гушка.

Милена Антовска Станковска/Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Запленети 91 килограм марихуана во Косово наменети за соседните земји

Следно

70 ковид-позитивни трудници се породиле на ГАК минатиот месец

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian