Власта и опозицијата во клинч, остав за Уставниот суд

5 mins read

Комисијата која е надлежна за уставните судии остана без претседател, а сега мнозинство го има опозицијата бидејќи пратеникот Фадил Зендели премина во опозиција.

Изборот на четири нови уставни судии останува заглавен во препукувањата меѓу власта и опозицијата за тоа кој е виновен за блокадата на Комисијата за избори и именувања откако таа остана без претседател, а мнозинство има опозицијата бидејќи пратеникот Фадил Зендели премина во опозиција. Опозицијата обвини дека претседателот на Собранието Талат Џафери лаже за тоа дека тие ја блокираат Комисијата, тврди дека ова тело е функционално и го прозва Џафери дека одбива да закаже седница. Власта, пак, останува на ставот дека опозицијата ја опструира Комисијата, бидејќи не предлага нови членови за да се доекипира работното тело.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за „Слободен печат” вели дека не е вистинит одговорот на Џафери до претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, дека опозицијата ја опструира Комисијата и изборот на уставните судии.

Мицевски: На Џафери не му се допаѓа составот на Комисијата

– Комисијата е функционална, само Џафери не сака да закаже седница. Има заменик-претседател и членови што треба да предложат претседател на Комисијата и Собранието да го гласа. Друг проблем е тоа што на Џафери не му се допаѓа составот на Комисијата. Зендели му беше потпретседател на Џафери, тој е пратеник со интегритет и Комисијата може да функционира – вели Мицевски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски обвини дека изборот на уставните судии е заглавен кај претседателот Џафери бидејќи тој, иако има деловничка можност, не свикува состанок на Комисијата.

– Таа комисија и тој ја гласал, како и нејзиниот состав. Сметаме дека оваа комисија треба да работи и врз основа на лично убедување, пратениците со понудениот квалитет на кандидати за уставни судии да направат одредени предлози – смета Милошоски.

Ист став има и пратеникот Зендели, кој стана „проблем“ за функционирањето на ова работно тело на Собранието. Тој смета дека обвинувањата на Џафери се бегство од одговорноста на парламентарното мнозинство и неподготвеноста да се разговара за прашања што се во интерес на граѓаните и државата. Тој апелира Џафери  да биде коректен во изјавите, а немањето политичка волја за компромиси со опозицијата, да не го оправдува со наводни блокади и опструкции од опозицијата.

– Претседателот на Собранието ги има сите нормативни овластувања да свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, но тој не го прави тоа. Јас сум пратеник со искуство и со мојата работа и политичка посветеност покажав зрелост и визија за носење сериозни политички одлуки. Член сум на Комисијата за избори и именувања во два пратенички состави и бев отворен и конструктивен во одлучувањето и функционирањето на оваа комисија. Повторувам дека за сè што е во интерес на граѓаните на европскиот пат на државата, за добро функционирање на јавните институции подготвени сме да седиме и да разговараме, но нема да станам алатка и инструмент на промашените политики на дуото СДСМ-ДУИ – вели Зендели.

Според Деловникот, мнозинството во Комисијата треба да го има власта, а не опозицијата

Од власта апелираат на договор со опозицијата за доекипирање на комисиите со нови членови откако неколку пратеници станаа градоначалници, но и да се запази паритетот на членовите на комисиите, утврден со собранискиот Деловник. Оттаму велат дека Зендели може да остане во Комисијата за избори и именувања само во случај ако со писмо го информира Џафери дека во Собранието повторно ќе дејствува како власт. По излегувањето на Беса од Владата, Зендели поднесе оставка од потпретседател на Собранието и премина во опозиција.

Од власта додаваат дека со Деловникот е утврдено оти во таа комисија мнозинство треба да има власта, а не опозицијата. Џафери не може да ја свика Комисијата додека не се постигне договор за претседател и за нов член на местото на Зендели, бидејќи и да закаже седница, ќе нема кој да претседава.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Интер преку Рома во полуфиналето на Купот на Италија

Следно

Облачно време со снег и ветер

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian