Милан се пласираше во полуфиналето на Купот на Италија откако на домашен терен убедливо го елиминираше Лацио со 4:0.
Фудбалерите на Стефано Пиоли одиграа одлично во првото полувреме. Од самиот почеток го наметнаа својот начин на игра и ги контролираа случувањата на теренот. Лацио не се снајде во агресивната игра на домашните, па направи многу грешки.
Стрелци на головите за „росонерите“ беа Рафаел Леао во 24, Оливие Жиру во 41 и првата минута од судиското надополнување, како и Франк Кеси во 79 минута.
Милан за пласман во големото финале ќе ги одмери силите со градскиот ривал Интер кој во вторникот триумфираше над Рома.
Втората полуфинална двојка ќе ја дознаеме после останатите две четвртфинални пресметки кои се закажани за в четврток (10 февруари), Аталанта – Фиорентина и Јувентус – Сасуоло.