Што прави денеска: Лејла Рамковска, инструкторка по јога

4 mins read

По разните животни премрежија, Лејла Рамковска пред девет години ја пронашла љубовта кон јогата и оттогаш таа е извор на нејзината енергија и сила. Инспиративните и корисни часови по јога на Лејла, како и видеоснимките на нејзиниот профил на Инстаграм ги следат бројни луѓе. Лејла со огромна страст ѝ се посветува на својата работа, затоа што професионалното занимавање со јога е исклучително одговорна работа, бидејќи инструкторот по јога директно влијае на физичкото и менталното здравје на своите клиенти.

Лејла вели дека совладувањето на тајните на јога е патешествие што трае цел живот, а дека таа е ученик и дека до крај на животот, тоа и ќе биде.

Лејла ни откри како изгледа едно нејзино деноноќие.

„Утрата ми почнуваат од 7 часот со испраќање на децата во училиште, па сама во тишина си пијам голема шолја кафе и правам план за денот кој секогаш зависи од тоа како ќе ги организирам обврските бидејќи работам сама за себе. Некои денови се хаотични, градам свој бренд и има денови кога претерано размислувам, планирам и дејствувам… Затоа, пак, имам денови ослободени од каква било обврска, особено кога децата се кај татко им. Се случува еден или два дена воопшто да не излезам од дома, за да си ја регенерирам енергијата бидејќи работата ми е таква што доста давам, но и примам енергии од различни луѓе.

Лејла Рамковска/Фото: Амел Амед

Живеам во Горно Нерези и кога сум дома, правам прошетки и омилена дружба периодов ми се кучињата, а ги имаме доста во двор, иако повеќето кутриња ги подарив.

Не сум некој добар готвач, признавам, сакам да јадам сѐ што е можно без готвење, но моето момче е поподготвено, повеќе се снаоѓа во кујна. Така што, понекогаш тој ни приготвува нешто супер, или, пак, знам на мајка ми да ѝ нарачам нешто традиционално, а понекогаш одиме на ручек надвор.

Лејла Рамковска/Фото: Амел Амед

Главно социјализирање ми е на часовите, многу си ги сакам моите „вежбачи“ и нивната духовна зрелост. Кога има време, краткиот муабет по часовите многу ми годи. Затоа, периодов одлучив дека конечно морам да имам некое свое константно место каде што ќе одржувам часови во живо во континуитет, бидејќи досега, еве веќе пет години како учител по јога, функционирам како номад, така што држам часови периодично на едно, па на друго место, дури на 6 -7 различни места… Но, моите практиканти бараат да сум веќе секогаш присутна на едно место.

Навечер ако сум дома, гледам или серија (на филм заспивам) или излегуваме со пријатели. Морам да признаам дека си ја сакам дружбата и амбиентот на нашите „скопски кафеани“. Дружењето сакам да ми биде исполнето или со музика и пеење или со искрен разговор.

Лејла Рамковска/Фото: Амел Амед

Го завршувам денот обично со чувство на исполнетост, а кога паѓам под црни мисли се потсетувам што сѐ имам за да бидам благодарна, но тоа не би можела да го одржам да не ги имам луѓето кои се околу мене да ме потсетуваат да гледам на големата слика, бидејќи знам да бидам доста самокритична.“

Лејла Рамковска/Фото: Амел Амед

www.slobodenpecat.mk

Претходно

По фијаското со плагијатот: Хрватска ја брише „позајмената“ куна од своето евро

Следно

Македонија ќе ги брои починатите од ковид исто како Америка

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian