Многу повеќе луѓе треба да се вакцинираат за да ги укинеме мерките, вели Сали

3 mins read

Услов за укинување на превентивните мерки како носење маски, дезинфекција и дистанца, според министерот за здравство Беким Сали е зголемување на процентот на имунизација на населението. Сепак, со ова темпо на имунизација, според него, ќе се најдеме во ситуација пандемијата во светот да заврши, а кај нас да продолжи уште некој месец.

– Гледаме коментари дека Данска и Велика Британија ги укинала мерките, но таму процентот на вакцинација е 86, а во Италија – 91 отсто, а кај нас е 41 процент. За жал, врз основа на што да ги укинеме ние мерките, изјави вечерва министерот Сали во гостувањето на телевизија Канал 5.

Намалената вакцинација, според Сали, се должи и на тоа што кај дел од јавноста има недоверба во квалитетот на вакцините, за што увери дека сите вакцини се чуваат на соодветно и препорачано место.

– Добиените вакцини од Италија имаат рок до крајот на јули годинава. Веќе преземаме мерки и ова е дел од таа кампања дека имаме безбедни вакцини, а на тие што им е поминат рокот ќе бидат соодветно уништени, изјави Сали.

Комисијата за заразни болести веќе иницирала внатрешна дебата за преземање конкретни мерки за вакцинација, со фокус на пациенти кои се во најризичните групи и кои се најчесто хоспитализирани. Сали, информираше дека тоа се пациенти над 50 години, со дијабет, хипертензија, невромускулна болест, за кои ќе се направи кампања да бидат повикани и да им се каже дека се таргетирани како потенцијален ризик по нивното здравје.

– Вакцини има и се безбедни. Низ државата има околу 40 вакцинални пунктови и доволно е граѓаните само да пристапат и се вакцинираат, изјави Сали.

Тој откри дека Министерството за здравство е во фаза на преговори со производителот „Фајзер” за набавка на лекот против КОВИД-19, но според министерот, тоа е процес и не треба да се чека кога ќе стигне лекот, бидејќи веќе имаме вакцина за која научно е докажано дека засега е најсигурен и најбезбеден начин за заштита на здравјето.

– Изразивме иницијален интерес дека сакаме да пристапиме кон преговори за набавка на лекот, но кога ќе биде тоа не можам да прецизирам. Изразивме интерес и пристапивме конкретно кон следна фаза на преговори и договор за набавка, изјави вечерва Сали во гостувањето на телевизија Канал 5.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Лукаку е херојот на „сините“, Челси за светската титула со Палмеираш

Следно

Според Шаќири сè уште е рано да се следи наставата без маски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian