ФОТО+ВИДЕО | Доделени годинашните Британски музички награди, Адел повторно доминираше

2 mins read

Британската пејачка Адел го одбележа годинашното доделување на престижните Британски музички награди, една од најважните музички манифестации во Велика Британија, којашто вчеравечер се одржа во лондонската „О2 Арена“.

Оваа година, организаторите на манифестацијата решија да ги укинат родовите поделби кај категориите. Имено, ова е прво издание каде што се воведени општите категории – изведувач на годината и меѓународен изведувач на годината, наместо досегашните категории кои се делеа на најдобар женски и на најдобар машки изведувач.

Како што беше очекувано, по огромниот успех на нејзиниот најнов музички албум „30“, Адел повторно доминираше и ги освои трите најважни награди – изведувач на годината, албум на годината и песна на годината – „Easy On Me“.

„Би сакала да ја посветам оваа награда на мојот син, но и на Сајмон, неговиот татко. Овој албум беше наше патување, не само мое“, изјави низ солзи Адел, алудирајќи на нејзиниот поранешен сопруг Сајмон Конеки.

Меѓу останатите победници е и рок-групата Wolf Alice, којашто беше прогласена за најдобра група, а раперката Литл Симз беше прогласена за најдобар нов изведувач. Талентираниот Ед Ширан победи во категоријата којашто дефинитивно е негова – најдобар текстописец.

Американските пејачки Били Ајлиш и Оливија Родриго ги освоија наградите за најдобар меѓународен изведувач и најдобра меѓународна песна за „good 4 u“. Наградата за најдобра меѓународна група ја освои американското дуо Silk Sonic, кое го сочинуваат пејачот Бруно Марс и раперот Андерсон Пак.

Како новитет, оваа година беа воведени и нови жанровски награди. Па така, Сем Фендер ја освои наградата за најдобра алтернативна/рок изведба, а Дејв за најдобра хип-хоп изведба. Наградата за најдобра поп изведба ја освои Дуа Липа, а Беки Хил ја освои наградата за најдобра танцувачка изведба.

Адел / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL
Ед Ширан / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL
Литл Симз / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Втор ден протести на Нов Зеланд

Следно

Ковачевски за ВМРО-ДПМНЕ: Беа против Законот за минимална плата, станаа „за” кога постигнавме договор, блокираат и други закони

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian