Андреас Трајковски (роден во Копенхаген, Данска) денеска доби дозвола од Светската атлетска федерација дека во иднина ќе може да ги брани боите на македонската атлетска репрезентација.
Ова го пренесува атлетскиот клуб „Работнички“ кој му честита на Трајковски и му посакуваат многу успех во македонскиот дрес.
Се огласи и атлетичарот преку социјалните мрежи кој беше информиран од нашата федерација дека неговиот трансфер на верност е одобрен од првите луѓе на светската атлетика.
– Сега имам право да се натпреварувам за репрезентацијата на Македонија. Им благодарам на сите што ме поддржаа и ми помогнаа во овој процес. Засекогаш сум благодарен што имам таков неверојатен тим – објави Трајковски.
Трајковски настапува во дисциплината скок во далечина. Неговиот татко Кристиан Трајковски е од Македонија и беше дански национален шампион на 100 и 200 метри.
Личниот рекорд на Андрес во скок во далечина е 7,83 метри, резултат кој го оствари лани во данскиот национален шампионат.