Што прави денеска: Долорес Атанасова-Лори, поетеса и професорка по англиски јазик

3 mins read

Долорес Атанасова-Лори е родена во Германија, но е со потекло од Охрид. Пишува поезија и проза, авторка е на четири збирки поезија, а нејзини песни се преведувани на неколку јазици. Омилено ѝ е Охридското Езеро, покрај кое, како што самата вели, ја фаќаат најубавите бранови.

Како поетеса, професорка, а пред сѐ, сетилна личност која живее низ ветрот, водата и секојдневните идеи „под рака“,  задоволство е да се прочита како Долорес поминува едно свое деноноќие.

„Го почнувам денот рано, скоро никогаш не се успивам, ме буди некое чувство дека денот почнал, нешто треба да се случи. И секогаш, без исклучок нешто се случува, се случува живот. Денес беше убаво утро;  ритуалот со кафето направен, мачката погалена, муабетот со нејзе истеран, и јас и таа се слушаме, и не се измачуваме со тоа дали се разбираме. Наутро, го гледам денот низ прозор за да видам дали ќе можам да се спуштам на Вардар; утрата задолжително ги почнувам со прошетка на Вардар, каде што има неколку луѓе кои ги среќавам, си го тераме муабетот, краток и брз, понекогаш муабетот ни е загледување во очи и насмевка, тоа се тие најзначајни муабети, и после секој со својата музика во слушалки си продолжува. Јас сум утрински човек, сепак не се врзувам со онаа старана „Денот по утрото се познава“, оставам секој дел од денот да си дојде со своето.

Долорес Атанасова-Лори/Фејсбук
Долорес Атанасова-Лори/Фејсбук

Денес беше убаво пладне; се потсетив на минатото и сета таа музика која ми се има случено таму. Се обидувам тој дел од денот да го посветам на фамилијата, оти најчесто сите сме дома тоа време, си раскажуваме што се случило, си кажуваме она што сме го заборавиле да си го кажеме претходниот ден или нешто од минатата недела, се спрема ручек… Многу често ми успева да изгледам некоја епизода од некоја од сериите што ги гледам, или да ја дочитувам книгата што сум ја почнала, понекогаш ми успева дури и да заглавам на телефон со некого со долги разговори.

Долорес Атанасова-Лори/Фејсбук
Долорес Атанасова-Лори/Фејсбук

Вечерва ќе биде убава, се надевам. Вечерите ми се работни, сета таа комуникација што ја имам со луѓе во текот на денот ме прави да бидам зависна од неа, затоа и пандемијата ја поднесувам со неподнослива тешкотија. Си ветив дека нема да ја споменам пандемијата, ама па што е човекот ако не ги прекрши ветувањата кон себеси во име на слободата, заради желбата да се обиде повеќе да биде?!“

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Косовските пратеници лани потрошиле над 100 илјади евра за патување на седници

Следно

Вардар на гости кај Војводина ја брка првата победа во СЕХА

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian