Шмит ги предупреди властите во Република Српска дека го прекршуваат договорот за поделба на власта во БиХ

3 mins read

Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, денеска ги предупреди властите на Република Српска дека нивното прекршување на договорот за формирање на државни органи нема да помине без сериозни последици.

Шмит со специјална изјава реагираше на нацрт-законот за формирање Висок судски и обвинителски совет (ВСТВ) на ниво на ентитет (РС ), што беше ставен на дневен ред на седницата на Парламентот на РС, што почна претходно денеска во Бања Лука.

Нацртот е испратен на парламентарна расправа од владејачкото мнозинство предводено од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), на чело со Милорад Додик, кој презеде конкретен чекор во спроведувањето на неговите најави дека РС ќе воведе закони кои де факто ќе го одвојат овој ентитет од уставно-правниот поредок на БиХ.

Нацрт-законот предвидува ВСТВ на РС да ја преземе надлежноста за назначување судии и обвинители во ентитетот, што би го оневозможило постоењето на ВСТВ на државно ниво.

Опозициските партии во парламентот на РС ги критикуваа предлозите на СНСД, соопштувајќи дека Додик само води кампања.

-Овој закон е придонес за новиот хаос и би рекол правна празнина и комплицирана правна ситуација затоа што не е одлучено дали овде се става вон сила или се укинува ВСТВ на БиХ. Не знаеме што ќе се појави утре во пракса кога ќе стапат во сила двата закони. Кој ќе важи? На која територија? Што ќе правиме во овие случаи, изјави претседателот на Српската демократска партија (СДС) Мирко Шаровиќ.

Високиот претставник Шмит истакна дека формирањето на ВСТВ на ниво на РС очигледно би го прекршило законот од 2004 година со кој се основа такво тело на државно ниво врз основа на договор меѓу двата ентитета.

-Со ова се загрозува влијанието на судството и приматот на владеењето на правото. Професионалното судство без политички притисок и влијание игра клучна улога во развојот на праведно и демократско општество и е од суштинско значење за аспирациите на БиХ да стане дел од Европската унија, изјави Шмит, најавувајќи дека ќе се консултира со Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ПИК) околу можните контрамерки.

Претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, предупреди дека е подеднакво проблематично што Парламентот на РС се соочува со предлог-закон со кој ентитетот планира да преземе државен имот, и покрај пресудата на Уставниот суд на БиХ која експлицитно го забранува тоа.

-Ова целосно ќе се урниса судската власт во оваа земја и ќе се украде имотот од државата. Ова е многу поопасна приказна од онаа за Агенцијата за лекови на РС и затоа мора да се сносат последиците, изјави Комшиќ за Фена.

Партијата за демократска акција (СДА) го повика ОХР да реагира одлучно.

-Ова е убедливо најсериозниот напад на Дејтонскиот договор. Време е високиот претставник да премине од зборови на дела, им кажа на новинарите во Сараево, Адил Османовиќ, претседател на парламентарната група на СДА во Претставничкиот дом на БиХ.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Над 12.000 активни случаи – проверете каква е состојбата со коронавирусот во вашиот град

Следно

Уште една европска земја ги попушта ковид мерките: До скоро имаа 100.000 заразени, дали ова е вистинската причина за олабавување?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian