Д-р Елена Арсова: Истенчувањето и намалениот волумен на косата е знак за анемија

3 mins read

Губењето на косата е сосема нормален процес и во многу случаи не е причина за загриженост. Можеме да губиме по 50-100 влакна на ден и воопшто да не забележиме, бидејќи тие сукцесивно се обновуваат со нови влакна. Но, во некои случаи, губењето на косата може да биде резултат на здравствени причини, вели д-р Елена Арсова, трихолог.

Доколку имате опаѓање на косата кое го забележувате подолго време, меѓу другото, се препорачува да се обратите кај лекар – трихолог. Врз основа на видео дермоскопски преглед може да се утврди дали опаѓањето на косата е нормално или не, а пред сѐ, дали косата се обновува или не.

Што придонесува и кои се симптомите на анемија?

– Современиот начин на живот, со новите навики во исхраната и активностите, може значително да влијае на опаѓањето на косата и кај жените и кај мажите. Анемијата (слабокрвност) предизвикана од недостаток на железо е состојба која се појавува поради недостаток на внес на железо во исхраната или слаба ресорпција на железо од храната. Покрај симптомите како што се отежнато дишење, недостаток на здив, замор и малаксаност, болка во градите и палпитации, опаѓањето на косата често се појавува кај луѓето со анемија.

Како анемијата се манифестира на косата?

– Железото е суштинска состојка во ензимот наречен рибонуклеотид редуктаза кој помага во растењето на клетките. Според некои истражувања, клетките на коренот или фоликулите на косата можат да бидат особено чувствителни кога опаѓа нивото на железо, и во таква состојба тие не можат да функционираат и да се размножуваат правилно. На почетокот, знаците на недостаток на железо може да бидат благи и често непрепознатливи, но со текот на времето овие симптоми се интензивираат и стануваат очигледни.

Губењето на косата поради недостаток на железо типично се манифестира како истенчување во средната линија на скалпот, но и во фронталната линија и во залистоците. Исто така, се забележува и дифузно истенчување и проретчување на целата коса и намален волумен на косата.

Кои третмани за опање на косата поради анемија се препорачуваат?

– Добрата вест е дека опаѓањето на косата поради недостаток на железо не е неповратна (иреверзибилна) состојба, бидејќи фоликулот нема трајно да се оштети. Тоа значи дека со адекватна терапија, може повторно да се стимулира растот на косата и да се овозможи регенерација на косата. ПРП третманот е идеален за подобрување на функцијата на овие фоликули и за да им овозможи идеални услови за работење. Но, ако анемијата е хронична, а со тоа и опаѓањето на косата е хронично, тогаш последиците за фоликулите се поголеми, па затоа е потребен поагресивен третман со мезонити за да се активираат фоликулите. Секако, неопходна е и корекција исхраната и суплементација (додатоци) со железо, како и да се третираат дигестивните проблеми кои би можеле да предизвикаат слаба ресорпција на железото.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

БИТКОИНОТ ЌЕ ЈА СПАСИ РУСИЈА ОД САНКЦИИ? Земјата може да инкасира милијарди од даноци за крипто

Следно

ЗОИ Пекинг: Французинот Филон Мае златен на бијатлонската трка на 20 километри

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian