Натпреварот од третото коло во хокеј на мраз за жени меѓу Канада и Рускиот олимписки комитет на Зимските игри во Пекинг во понеделник беше одложен за еден час, пред хокеарките да се вратат на мразот со маски, поради „безбедносни причини“.
На крајот, Канада победи со 6:1, иако пред почетокот ситуацијата беше хаотична и конфузна. Во комуникацијата со Меѓународната хокеарска федерација (ИИХФ), Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) не прецизираше што точно значат безбедносните причини, но канадските медиуми објавија дека Рускиот олимписки комитет не ѝ ги доставила на Канада резултатите од тестот за ковид-19.
Шестмина репрезентативки на Рускиот олимписки комитет минатата недела беа ставени во изолација откако беа позитивни.
– Почетокот на натпреварот во хокеј на мраз меѓу женските репрезентации на Рускиот олимписки комитет и Канада беше одложен денеска. По разговорите со двата тима, тие се согласија дека натпреварот ќе започне така што сите хокеарки ќе носат маски – рече портпаролот на ИОК, пренесе Хина, цитирајќи го Ројтерс.
Инаку, спортистите кои на Зимските олимписки игри во Пекинг треба да следат строг здравствен протокол не мора да носат маски за време на натпреварувањето.
Olympic hockey match between Canada and Russia postponed; players wear masks https://t.co/nKP1WBY97C
— vidianews (@vidianews1) February 7, 2022
Канадската репрезентација пред почетокот не ја знаеше причината за доцнењето и чекаше одговори. Руските хокеарки, пак, лизгаа на мразот на спортскиот центар Вукесонг, но останаа да стојат на сината линија бидејќи не им се придружија Канаѓанките.
Кога натпреварот започна еден час подоцна, двете репрезентации носеа маски под кацигите. Руските хокеарки ги тргнаа маските во последната третина, додека Канаѓаните продолжија да ги носат нивните.