ВИДЕО | GP ни кажа збогум: Марко Марковиќ ја напушти македонската Јутјуб сцена

2 mins read

Секоја генерација има свои идоли, а во оваа нова, дигитална доба тоа се јутјуберите. Иако скромна, на македонската Јутјуб сцена има неколку млади креативни луѓе кои ја користат оваа платформа за себеизразување.

Еден од нив беше и Марко Марковиќ, познат под псевдонимот GP, кој веќе една деценија создаваше содржина која едуцира, забавува и инспирира. Со оглед на тоа што тој има скоро 260 илјади претплатници на неговиот канал, Марко е најуспешниот Македонец на Јутјуб.

На голема жал на младата публика, која десет години ги следеше неговите забавни видеа за видеоигри, Марко смета дека е време за ново поглавје од неговиот живот. Имено, ова 22-годишно момче реши дека е време да стави крај на неговата кариера на Јутјуб и да се посвети на програмирањето, неговата втора пасија.

Во последното видео на неговиот канал, тој се потсети на сите убави моменти коишто ги доживеал на Јутјуб, но зборува и за лицемерието и љубомората коишто се присутни кај луѓето од јавната сцена.

„Благодарение на Јутјуб, цело време се спојувам со погрешни личности. Мислам дека не запознав ниту еден асален човек преку Јутјуб. Кај 99 отсто од луѓето коишто се во овој бизнис има многу лицемерие, многу зборување позади грб, многу љубомора, многу алчност за пари“, вели Марко.

Марко е студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и моментално ја завршува последната година од студиите. Тој во иднина се гледа како програмер, нешто што навистина го исполнува. Како што вели во видеото, во последните неколку месеци тој се соочувал со голема анксиозност бидејќи сакал да пласира квалитетни видеа за неговите обожаватели, но и да се посвети максимално на студиите, каде, пак, има одличен просек.

Па, Марко – ти посакуваме многу успех во кариерата. Беше одличен пример за младите!

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Кинеските вакцини признати во Австрија, но не и руската Спутник

Следно

Мбапе проговори по веста дека потпишал за Реал

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian