Брзо но не избрзано решение со Софија, нови средби за конкретни прашања

12 mins read

Ни треба брзо но не и избрзано решение со Бугарија. Бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да биде прифатливо од двете страни и ќе претставува основа за градење добрососедски односи, меѓутоа и основа за брз напредок на Република Северна Македонија кон целосна интеграција и полноправно членство во ЕУ, порачува премиерот Димитар Ковачевски.

Тој во интервју за МИА, дадено по дводневната работна посета на Брисел и средбите со првите луѓе на НАТО и ЕУ, нагласува дека за него е од голема важност да се изнајде рамнотежа помеѓу квалитетно и брзо решение, стратешката цел на полноправно зачленување во ЕУ останува највисок приоритет на оваа влада.

Надежите се дека до крајот на француското претседателство на 30 јуни блокадата ќе се крене од бугарска страна благодарение на јасен патоказ заснован на разбирање и компромис помеѓу сите страни, но Ковачевски одбива да лицитира со датуми, знаејќи дека Северна Македонија пречесто се удри од тој ѕид.

-Рамката која што ја поставивте како прашање нормално дека во текот на процесот треба да излезе некаква рамка којашто јас не ја гледам како некаков формален документ на хартија, што на крајот на денот веројатно и ќе биде ставено, меѓутоа рамката треба да претставува адресирање на отворените прашања помеѓу двете страни. Она што исто така го разговаравме тука е дека решението на прашањата треба да биде во духот на европските вредности, на взаемно почитување помеѓу двете држави и на задржување на достоинството на граѓаните и во едната и во другата држава. Кога ќе имаме такво решение тогаш ќе можеме да кажеме дека е нешто што може да се сподели, јас не би се врзувал за датуми. Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ, вели премиерот на Северна Македонија во интервјуто за МИА.

Тој уште еднаш упатува порака до европските партнери дека одолговлекувањето на процесот не само што го заморува општеството кое губи посветеност, како што вели тој, туку и отвора врата за други големи сили кои не се заинтересирани Северна Македонија, и целиот регион, да се приклучат кон ЕУ.

Ковачевски одбива исто така да коментира изјави кои не водат кон добрососедски односи, било од бугарска или од македонска страна. Тој се надева дека историската комисија, како што најави самата, ќе ја забрза работата, и паралелно уверува дека атмосферата во ЕУ институциите кон Северна Македонија е охрбарувачка.

-Навистина добив многу позитивни сигнали и посветеност на институциите да се отпочне со преговори со ЕУ за Република Северна Македонија. Секако дека тие имаат свои принципи врз основа на коишто работат. Меѓутоа јас сум уверен дека тука постои високо ниво на посветеност Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите и притоа да ја добиеме целата поддршка што е потребна за спроведувањето на реформите кај нас, коишто се потребни не само за отпочнување на преговорите туку се потребни за зголемување на квалитетот на животот кај нас, подобрување на нивото на услугите што граѓаните ги добиваат, и подобрување на сите сфери на живеење во државата.

Премиерот Ковачевски и во интервју за белгискиот најтиражен дневен весник „Ла Либре”, исто така порача дека ни треба решение, засновано на меѓусебно почитување и на европските вредности, кое ќе резултира со укинувањето на ветото на Бугарија и ќе послужи како основа за добра соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека процесот за започнување на преговорите со ЕУ на земјава трае долго и поради тоа не се штедат напори за забрзување на разговорите со Бугарија.

-Кај нас постои консензус за евро-атлантските интеграции. Постигнавме една од нашите цели со влезот во НАТО. Онаа за членство во Европската Унија сè уште не е постигната. Донесовме тешки одлуки како земја за да можеме да станеме членка на НАТО и да можеме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Европската унија мора да ги исполни своите ветувања за Северна Македонија, имајќи ги предвид четирите позитивни извештаи на Комисијата за развојот на нашата земја, посочува Ковачевски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, вчера на средба со новинарите информира дека во Софија идната седмица, на 10 или 11 февруари министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во процесот на надминување на разликите.

– Нашето барање веќе го кажав, а тоа е да се прифати преговарачката рамка како е предложена од страна на Комисијата по однос на идентитетските атрибути, вклучувајќи го и јазикот и да се почнат притапните преговори, односно да се одржи меѓувладината конференција, а сите други прашања да се поврзат временски со одлуката за започнување на преговори. Тоа е процес којшто треба да го разговараме во наредниот период, вели Османи. 

Преговорите, додаде Османи, продолжуваат преку комисиите, при што идната недела ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 состанок на Заедничката комисија за историски прашања, така што, вели тој, четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја..

– Мислам дека важно е сите прашања тие што ни се важни нас и важни за Бугарија да бидат поврзани и во еден роковник во рамки на еден договорен пакет, бидејќи сметам дека само на тој начин ќе имаме гаранции дека тука го затвораме ова прашање и нема да разговараме за други прашања. Тука влегуваат и нашите барања, нашите позиции и позициите на Бугарија, рече Османи.  

Потсети дека нашите позиции се утврдени прво во заедничката Деклрација на Собранието, второ во одговорите коишто беа пратени во декември во Владата на Република Бугарија и ќе продолжат на 10 или 11 на експертско ниво во рамки на тие позиции што ги има државата за сите прашања.

Османи по однос на Историската комисија нагласи дека нема да ја коментираат нивната работа но очекува и историчарите да не ги коментираат политичките прашања придржувајќи се вели, на „основниот принцип – политиката на политичарите, историјата на историчарите”.

– Политичарите да не коментираат историски прашања, историчарите да не коментираат политички прашања. Сите членови можат да коментираат што сакаат за тоа какви погледи имаат кон историјата. Тоа е нивна должност. Ние не треба да ги коментираме, политиката не треба, но историчарите не смеат да зборуваат за процесот што ги дефинира политичките прашања. Замрзнувањето на улогата на Комисијата за историски прашања е минирање на Договорот за добрососедство. Тоа е веќе политичко прашање. Тоа не е содржиско прашање на нивната работа. И затоа нема да реагираме за тоа што они го коментираат и јавно за содржината на нивната работа, но не треба да се мешаат во политичкиот процес како што јас никогаш нема да влезам во коментари за историски прашања и за содржината на нивната работа и мислам дека е тоа фер однос и така треба да биде и тоа ги заштитува нашите позиции, вели Османи.  

Тој најави дека за амбасадор во Софија, каде местото е испразнето од април 2020 година, ќе биде испратен еден од најискусните дипломати во Министерството за надворешни работи.

– Амбасадор во Софија ќе биде еден од најискусните дипломати во МНР и намерно така е одлучено искусен дипломат да се испрати во Софија во услови кога сакаме да ја вратиме довербата и да ги надминеме разликите. Меѓутоа, не можам да коментирам за името додека не се добие агреман, меѓутоа барањето за агреман што значи и одобрување од страна на претседателот е добиено и веќе е пратено во бугарското МНР, наведе Османи.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак вчера информираше дека македонска и бугарска делегација од ресорните министри за трансорт и туроператори од двете држави ќе бидат патници на првиот лет што треба да се реализира на 11-ти, месецов на релацијата Софија-Скопје. Компанијата „Гуливер” е заинтересирана да го реализира летот,  а на оваа релација се очекува да има редовни летови во текот на следниот месец.

-На 10 февруари ќе имаме средба во Софија заедно со нашите тимови на Комисијата за транспорт и инфаструктура и на 11-ти веќе ќе се организира првиот лет од Софија за Скопје каде заедно со делегациите од нашата страна и министерот и туроператори од Бугарија ќе бидеме дел од тој лет заедно. На 11 февруари во Скопје ќе организираме заедничка средба со туроператорите од Северна Македонија, каде што очекувам да се најдат сите поволности и можности и најдобри солуции за граѓаните, за да во иднина оваа линија биде операбилна и да може да оперира редовно на релација Софија – Скопје и секако  уште една дестинација која ќе биде дополнителна можност за граѓаните, изјави Бочварски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Кочани.

Неговиот бугарски колега Николај Сабев исто така завчера најави дека првиот лет од Софија за Скопје ќе биде на 11 февруари и оти редовните летови ќе започнат во март, како и дека туроператорите од Бугарија и Северна Македонија треба да се договорат за туристички пакети со кои што ќе се зголемат меѓусебните посети на туристи од двете земји.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Камерун од 0:3 негатива до третото место во Африканскиот куп на нации

Следно

Влез во Грција за вакцинираните, прележаните и тестрираните со негативен на ковид-19

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian