Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамнешната средба со најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ очекувано ја искористи за промотивен, предизборен видеоспот, кој е објавен на неговиот официјален канал на Јутјуб.
Ѓоковиќ во четвртокот се сретна со Вучиќ и му се заблагодари за помошта и поддршката од државата за време на неговиот престој во Австралија, од каде што беше протеран.
Спотот на Вучиќ, во кој се вклучени инсерти од средбата и пораките кои ги искажаа српскиот претседател и тенисерот, веќе кружи по социјалните мрежи како спонзорирана содржина.
„Се доведовте во компромитирачка позиција на меѓународен план, затоа сум исклучително благодарен и, како што кажав, тоа не се подразбира, се цени и почитува. Како човек, државјанин на Србија и спортист, тоа долго ќе го паметам. Мојата врска со Србија од ден на ден е сѐ посилна, она што ме снајде во Австралија прави оваа врска да биде таква засекогаш и навистина им благодарам на сите од сѐ срце“, рече меѓу другото Ѓоковиќ на средбата, зборувајќи за неговата голгота во Мелбурн, а дел од овие пораки се пренесени и во промотивниот спот за Вучиќ.