Стоматолог Илија Караманов: Што може да ни открие јазикот за нашето здравје

4 mins read

Јазикот е мускулно-слузокожен орган, кој заедно со забите е сместен во усната шуплина. Тој игра важна улога во џвакањето и голтањето на храната. Потоа, во развојот на говорот, но и во сетилата за вкус и пренесувањето на впечатоците во централниот нервен систем.

Која е улогата на јазикот и кои се најчестите промени на овој важен орган, открива стоматологот Илија Караманов.

– Јазикот е еден од најфлексибилните органи во човечкиот организам. Тој знае да го променува својот волумен зависно од просторот во усната шуплина, кој го детерминираат забите. При губење на еден или повеќе заби, јазикот има тенденција да го пополни тој празен простор и на тие места хипертрофира, односно расте многу бавно и речиси незабележително за голо око. Сепак, по извесно време промените стануваат видливи. Зголемувањето на дел од јазикот најмногу доаѓа до израз во моментите кога пациентот добива некоја протетска изработка, која има за цел да ги надомести изгубените заби. Таквата изработка го стеснува просторот на хипертрофираниот јазик и особено чувството е непријатно во првите неколку денови. За среќа, флексибилноста на јазикот одигрува позитивна улога, и јазикот исто така, сега постепено почнува да се адаптира на новите услови, односно да се намалува – вели д-р Караманов.

На слузокожата на горната страна на јазикот се наоѓаат голем број папили што се делат во пет групи. Кај пушачите може да се појават различни промени во усната шуплина, како и на јазикот. Слузницата во усната шуплина, особено под јазикот, има висок капацитет на ресорпција.

– На јазикот се наоѓаат пет видови на вкусови папили, кои одигруваат улога во перцепцијата на вкусот на храната. Распоредот на тие папили е различен, како и нивната форма и функција. Најмногубројни се кончестите вкусови папили, кои се локализирани на горната страна на јазикот. Тие се и најподложни на промени. Кај одредени состојби тие знаат да ја зголемат својата должина од нормалните 1-2 милиметри до екстремни 10-12 милиметри. Најчесто таквата појава е кај пушачите, после прекумерно пушење во неколку последователни денови. Кога на сето тоа ќе се придодаде и пребојувањето од никотинот, најчесто темносиво до речиси црно, пациентот најчесто го фаќа паника од таквата состојба. Чувството на вкус е значително намалено, а чувството на туѓо тело во устата е постојано присутно. Со намалување на бројот на цигарите, како и со благо и нежно киретирање (односно триење на јазикот) со специјални лажички за нега на јазик, состојбата значително се подобрува веќе за неколку денови – појаснува д-р Караманов.

Каква здравствена состојба се крие зад промените на јазикот?

– Понекогаш на површината на јазикот се појавуваат регии кои се јасно обрабени и со сјајна и црвена површина. Таквите промени се знак на некоја авитаминоза, а понекогаш можат да бидат симптом на некоја крвна дискразија. Како вродена аномалија што се јавува доста често е т.н. „lingua plicata“. Се работи за длабоки бразди на целата површина на јазикот. Таквиот јазик бара малку поголемо внимание при одржување на хигиената на јазикот – посочува д-р Караманов.

Острите рабови на поткршени и несанирани заби, можат како хроничен иритирачки фактор, понекогаш да предизвикаат појава на тумори кои можат да бидат од бениген, но и од малигнен карактер. Затоа, се апелира забалото секогаш да биде средено и санирано.

Замолето го вашиот стоматолог одвреме-навреме да прави преглед на вашиот јазик.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Почина Весна, првата жена-возач во ЈСП

Следно

Ковачевски за МИА: Одолговлекувањето на ЕУ процесот ја намалува посветеноста на општеството

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian