Ако ни се чини дека суши е тешко да се приготви, или да се погоди вкусот, Маја ќе ни покаже дека не само што е едноставно туку е и брзо и може да биде многу вкусно. Речиси сите состојки можеме лесно да ги најдеме, единствено ќе треба малку да се потрудите за нори алгата која можете да ја најдете во поголемите маркети.
Суши е специфично јадење, но рецептот на Маја е прилагоден за нашето поднебје и сигурни сме дека ќе ви се допадне.
Потребни состојки:
- нори алга за суши
- 200 гр ориз
- 1 конзерва туна
- 1 краставица
- 1 морков
- сусам
- 50 мл вински оцет
- свеж ѓумбир
- 1 лажица шеќер

Подготовка:Краставицата и морковот исечкајте ги на тенки стапчиња а ѓумбирот на покрупни парчиња. Во тенџере загрејте го оцетот и ставете го зеленчукот и варете неколку минути а потоа извадете ги од тенџерето. Оризот сварете го, но внимавајте да не биде преварен, туку да се двои зрно по зрно. Нори алгите доколку сте во можност малку загрејте ги на оган. Потоа секој лист ставете го на најлонска фолија и врз него ставете од оризот и убаво распоредете го врз алгата. Врз алгата ставете од туната и зеленчукот. Завиткајте во ролат со помош на фолијата и оставете ги така неколку минути. Потоа извадете ја фолијата и пресечете на парчиња. Се сервира со соја сос.

Суши со ракчиња
Потребни состојки:
- нори алга за суши
- 200 гр ориз
- 1 краставица
- 1 морков
- 1 авокадо
- 200 гр ракчиња
- соја сос
- сусам
Подготовка:
Краставицата и морковот исечкајте ги на тенки стапчиња. Во тенџере загрејте неколку лажици соја сос и ставете ги неколку минути да се бланшираат а потоа извадете ги од тенџерето. Оризот сварете го, но внимавајте да не биде преварен, туку да се двои зрно по зрно. Нори алгите доколку сте во можност малку загрејте ги на оган. На најлонска фолија ставете прво сусам, потоа од оризот и убаво распоредете го со димензии колку големината на алгата. Потоа врз него ставете ја алгата и врз неа ставете ги краставицата, ракчињата, морковот и авокадото. Завиткајте во ролат со помош на фолијата и оставете ги така неколку минути. Потоа извадете ја фолијата и пресечете на парчиња. Се сервира со соја сос.