Сајкоски: Министерството за образование да преземе активности за информирање на учениците во основните училишта за ликот и делото на Гоце Делчев

4 mins read

ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката група ќе достави до Собранието Декларација по повод 150 годишнината од раѓањето на големиот македонски син и водач на револуционерното дело Гоце Делчев. Оваа декларација треба да биде точката на обединување на политичките партии во македонското Собрание. Да покажеме обединетост околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија и идејата за самостојна Република Македонија. Тргнувајќи од одредбите на Уставот, а особено од деловите на преамбулата кои се однесуваат на „жртвите и посветеноста на предците во заложбите и борбата за создавање самостојна и суверена држава“, како и на „традицијата на Крушевската Република“. Обединети во намерата за натамошна афирмација на најшироко прифатените вредности за слобода, демократија и соработка помеѓу народите и државите, изјави денеска за медиумите, Ѓорѓија Сајкоски, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека се свесни дека единствено преку достојно почитување, прославување и одбележување на дострелите на нашите предци во минатото, можат дополнително да ги зајакнат демократските темели на државата и на општеството.

– Приклучувајќи се кон обележувањето на значајните настани и истакнатите личности во 2022 година предлагаме ДЕКЛАРАЦИЈА ПО ПОВОД 150 ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ. Констатирајќи го огромното, недвосмислено и широко прифатено значење на ликот и делото на големиот македонски син Ѓорѓи Николов Делчев во остварувањето на целите на народна епопеја за слобода и независност, ние пратениците на Собранието, со оваа Декларација натамошно го афирмираме наследството, улогата и значењето на оваа, без сомнение централна личност од македонската историја. Имајќи ја во пред вид големината на Делчев како идеолог и борец за остварување на целите на македонското ослободително дело, ги повикуваме електронските медиуми во државата, во рамките на можностите, во текот на 2022 година да интегрираат во програмата пригодни содржини со кои ќе се афирмира овој јубилеј. Констатирајќи го високо моралниот и демократски карактер на ставовите на Делчев, ја повикуваме државната компанија за поштенски услуги, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да издаде поштенска марка со која ќе се одбележи овој важен јубилеј за македонската држава. Антиципирајќи го вонременското значење на силните заложби на Делчев за соработка и за натпревар помеѓу народите, ги повикуваме Институтот за национална историја и Македонската академија на науките и уметностите, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да организираат соодветни настани и да реализираат соодветни проекти со кои ќе се одбележи 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, појасни Сајкоски.

Пратеникот акцентирајќи го длабоко моралниот карактер на ставовите на Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот, го повикува Министерството за образование и наука во текот на 2022 година, во согласност со своите надлежности да преземе активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на оваа личност од македонската историја.

– Согледувајќи ја потребата од постојано препрочитување на најважните поглавја од животниот пат на Делчев, се задолжува Националната установа Музеј на македонската борба, во рамките на своите надлежности и можности, во текот на 2022 година да спроведе соодветни активности и да реализира соодветни проекти со кои ќе се зацврсти споменот на граѓаните за ликот и делото на оваа важна историска личност. Декларацијата ќе се достави до Владата, Институтот за национална историја, Македонската академија на науките и уметностите и до Националната установа Музеј на македонската борба, додаде Сајкоски.

kurir.mk

Претходно

Делегации на Северна Македонија и на Бугарија положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев

Следно

Јанша: Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е единствената позитивна перспектива за регионот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian