Ескобар и Лајчак во Косово: Нема да наметнуваме модел на спогодба со Србија

3 mins read

 Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, на крајот од нивната тридневна посета на Косово изјавија дека намерата не им е да наметнуваат некаков модел на договор за решавање на споровите со Србија,

На заедничка прес конференција пред нивното заминување за Србија, Ескобар и Лајчак порачаа дека САД и ЕУ „не се дел од дијалогот и преговорите”, но очекуваат од Приштина и Белград да го спроведат договореното.

– Ние не сме дел од дијалогот и преговорите. Меѓутоа, како што рече господинот Лајчак, ние веруваме дека договорите кои се постигнати во минатото треба да се спроведат. Сепак, ние не сме дојдени со некаков опис или предлог на решение кое би сакале да го наметнеме. Фактички, бараме од двете страни да покажат конструктивност, да ни ја кажат нивната визија каква треба да биде Заедницата (на општини со мнозинско српско население во Косово) и да се продолжат преговорите таму каде што се застанати, изјави Ескобар.

Тој нагласи дека САД очекуваат Западен Балкан да се приклучи на ЕУ, а од Косово се бара да го спроведе она за што се согласило во претходните договори и да изнајде модел за формирање на Заедницата, без да се повреди суверенитот на државата.

– Не значи дека тоа треба да бидат модели кои наштетуваат на суверенитетот на Косово. Треба да се изнајдат модели и тие да се имплементираат. Намерата не ни е да наметнуваме нешто. Ние веруваме дека сите земји на Западен Балкан треба да се признаат меѓу себе и да се приклучат на Европската унија, рече Ескобар, повторувајќи дека „САД силно ги поддржуваат независноста и територијалниот интегритет на Косово.

Претставникот на ЕУ, Лајчак, нагласи дека „Косово е рамноправна страна во дијалогот” и дека не му се бара на своја територија да формира „нова Република Српска”.

– Заедницата е постојано тема на дијалогот. Косово е рамноправна страна во дијалогот и на Косово ништо не може да му се наметне. Никој не сака нова „Република Српска” во Косово. Но вие имате преземено обврска и не треба да се плашите од нешто непостоечко, туку треба да излезете со ставови, рече Лајчак.

Посредниците на САД и ЕУ престојуваа во Косово од понеделникот и се сретнаа со претседателката на државата, Вјоса Османи, со премиерот Албин Курти, со лидери на опозицијата и претставници на косовските Срби, како и со претставници на меѓународната заедница во Косово и на граѓанските организации.

Во најновиот заеднички обид на САД и ЕУ да го заживеат процесот на преговори, по престојот во Приштина, Ескобар и Лајчак ќе ја продолжат посредничката мисија со дводневна посета на Белград

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Приведен скопјанец во чиј дом се пронајдени дрога и муниција

Следно

Русија, Чешка и Словачка со рекорден број на новозаразени со коронавирус

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian