Разговор со Денис Јанкуловски – Космонаутко: Лошотијата стана начин на живот, нo добрината мора да победи!

18 mins read

Позитивен, насмеан, распеан, „батеријата“ наутро ја полни со песна, во текот на денот, одејќи од дом во дом, ќе наиде на дечиња чија насмевка ќе ги потисне сите тажни моменти, но огромен „полнач“ му е сопругата Билјана, блиските, но и често непознатите, случајно сретнати лица. Така Денис издржува во оваа долга битка против коронавирусот.

Она што се покажа во оваа пандемија е дека индивидуалноста е колективна, фото-приватна архива

По малото затишје, болниците повторно се полни, но на медицинскиот техничар Денис Јанкуловски исто му е веќе две години – рано будење, започнување со работните обврски од 7 часот, теренско земање брисеви во комплетно заштитна опрема исто како и првиот ден кога го ставил скафандерот.

Колку граѓаните сериозно ги сфаќаат информациите, состојбата?

– Факт е дека е зголемен обемот на работа не само кај мене туку и кај моите колеги кои се на пунктовите за земање брисеви како резултат на навистина брзинското ширење на вирусот. Она што од една страна е добро во овој момент е релативно полесната форма со која поминуваат поголемиот дел од лицата кои имаат позитивни наоди, но има и некои кои потешко поминуваат што веројатно зависи од состојбата на организмот, односно на имуниот систем, но и од тоа кој сој ги нападнал. Од она што го гледам на терен и од контактите со луѓето, мислам дека не е нешто значајно променет процентот на оние кои сериозно и оние кои несериозно ја согледуваат ситуацијата што е огромен проблем кој цело време е присутен во кризава. Дел од тие сериозните се можеби и малку подисплашени бидејќи досега успеале да се заштитат некако, од нив и доста се вакцинирани но гледаат дека опасноста од заразување е секогаш присутна. Но полесната форма, заштитата секојдневна, вакцинирањето сепак малку ги смируваат иако јасно ни е на сите дека не смееме да се опуштиме во ниеден момент затоа што никој не знаеме дали би се заразиле со поелсниот или потешкиот сој.

Со почетокот на пандемијата еден од вообичаените поздрави на Македонците стана „чувај се“. Колку често го користиш овој поздрав и што подразбираш под „чувај се“?

 – Мене тоа „чувај се“ ми стана како „ај чао“. Тоа подразбира сè уште да внимаваш на себе, да ги почитуваш мерките што се основа за себезаштита како маските, дистанцираноста, дезинфекцијата. „Чувај се“ затоа што така ќе се зачуваш и дочуваш не само себеси туку и оние кои се во твојот круг, а тој круг на сите нас ни е голем, почнувајќи од оние што ни се дома, па комшиите, роднините, пријателите, тие што работат и што ги среќаваме случајно во локалните гранапчиња, оние со кои се разминуваме на улица или при влез во банка или кога купуваме појадок. Едноставно кажано твоето „чувај се“ е за сите. Она што се покажа во оваа пандемија е дека индивидуалноста е колективна. Значи „чувај се“ за сите на број.

Особено ме лутеше и уште ме лути несериозноста на многумина од кои и не ја очекував, но ете, нè има секакви, фото – приватна архива

Познат си и омилен по ведриот дух кој заразно се пренесува на сите околу тебе. Се случи ли во овој прилично долг период и ти „да паднеш“, барем на ден-два?

– Како човек од крв и месо секако дека имало моменти кои можеле да влијаат на „паѓање“. Тука ги вбројувам преголемиот број на оние несовесни моменти од почетокот до ден денешен, за мене неразбирливиот инает за нешто што бара малку ангажирање, а големи резултати – една од причните зошто трае толку долго вирусот, имав неколку пати тажни моменти на загуба на блиски роднини или родители на другари. Особено ме лутеше и уште ме лути несериозноста на многумина од кои и не ја очекував, но ете, нè има секакви, нели.

Но во ниеден момент не дозволив тоа да влијае на мене бидејќи ќе ме изместеше од веќе поставениот колосек по кој се движам и функционирам, колосек на кој морам да сум максимално концентриран, фокусиран и каде ниедна грешка не е дозволива затоа што од моето совесно и одговорно однесување зависат нечии животи. Така да сè што можеше да ме измести од колосекот го ставив длабоко негде во некој фолдер.

Како ја полниш сопствената „батерија“ на оптимизам?

– Има неколку извори за полнење. По природа сум позитивен, насмеан, распеан. Токму батеријата наутро ја полнам со песната, оние секојдневни утрински дружби на фејсбук со како што другар ми Ваљон оригинално го нарече „квалитетно упропастување на песни“ (се смее, н.з). Потоа во текот на денот ќе наидам на дечиња кои ќе ме насмеат, расположат, чија насмеавка ќе ги потисне сите оние жални моменти кои се многу присутни. Батеријата се полни и со тоа што одејќи од дом во дом знам дека помагам, дека навременото земање на брис многу влијае во понатамошниот тек на здраствената состојба на лицето. Огромен полнач ми е и семејството, максималната поддршка и разбирање што ги имам без кои немаше да бидам каков што сум. И секако, поддршката од многуте пријатели, роднини, но и често непознати, случајно сретнати. Сето тоа ми е ветер во грбот да ги минувам деновите многу полесно и да издржам во оваа доооолга борба.

Го прележа ли коронавирусот? Прими ли „бустер“ вакцина?

– Да чукнам во дрво не прележав досега иако ни сам не знам колку пати сум бил во контакт со вирусот, но сепак заштитен. Kога ќе ме прашаат како се штитам кажувам дека се однесувам како секој ден да ми е прв ден во скафандер и така планирам сè додека има потреба. Не сакам да ме разберат погрешно, дека ете, јас знам како, а другите не, верувам дека многумина се штитат како што треба и почитуваат мерки, но некои сепак се заразуваат. Третата „бустер“ доза ја примив кон крајот на септември, тогаш беше терминот со оглед на тоа што бев во првите медицниски работници кои се вакцинираа. Со трите дози поминав одлично, немав никакви реакции, но тоа е индивидуално, знам дека има најразлични реакции, полесни и потешки. Како здраствен работник, како лице што од почеток е во контакт со вирусот, сметам дека требаше да се вакцинирам пред сè за да бидам јас заштитен, па тие околу мене, за мене е логично да одам вакциниран таму каде што земам брисеви.

Има ли нешто што го плаши Космонаутко во борбата со коронавирусот? А, што е тоа што Денис го плаши?  

– Од самиот почеток најмногу ме плаши онаа голема, огромна непозната за вирусот. До пред некој месец се покажа дека токму таа знаеше да направи голема беља, чести случаи кога заразен поминуваше добро неколку дена и ненадејно, апсолутно неочекувано и за докторите, состојбата се влошуваше и во дел од секунда човекот умираше. Тој период ми беше некако најстрашен. Дури искрено да кажам, за многу мои познати кога ќе ми кажеа дека се позитивни, сѐ додека не ги слушнев со убаво јасно „оздравев“, стравував. Голем број изгубени животи, всушност и еден загубен живот е премногу, а не пак илјадници. Последниве месеци мислам дека е подобро во тој поглед, но за жал уште броиме починати и тука е најголемата болка.

А најискрено кажано, единствено што мене ме плаши е да се заглавам во лифт. Е тука, мислам дека снемувам воздух, стравот од затворен тесен простор. И како што обично бива по непишаното правило на Марфи, живеам на деветти кат во зграда со два лифта и во овие две години за брис земање неброено пати се возев во лифтови. И секогаш со тоа непријатно чуство. Ама тоа не е ништо страшно, сè е минливо.

За децата Космонаутко е како лик од стрипче, суперхерој, кои за тебе се денешните херои?

– Ми годи сето тоа, особено што и на улица кога ќе ме сретнат дечиња ми викаат Космонаутко, впрочем и детенце е кумот на прекарот Космонаутко. Иако најчесто се споменуваат медицинските лица како најголеми херои, сепак за мене огромни херои се и луѓето кои ги издржаа неподносливите карантини, долгите изолации, потоа сите оние кои со месеци не успеаја да се видат со своите најблиски, со родителите, со внуците, со саканите. Вистински херои се и лицата со попречености и нивните херои на кои претпоставувам најтешко им падна таа изолација. Но, најголемиот херој за мене е мојата сопруга Билјана, која го презеде целиот домашен товар во овие две години, буквално на секое поле. Таа е мајка и татко, другар, таа се грижи за сите потребни работи и набавки во домот, има разбирање за моите чести отсуства или поточно кажано поретки присуства дома. Бибуш е мојот херој, моето сè. Без неа, да не беше таа каква што е, јас не би можел да направам ништо од она што го направив во кризава.

Денис со сопругата Билјана, фото-приватна архива
Најголемиот херој за мене е мојата сопруга Билјана, која го презеде целиот домашен товар во овие две години, буквално на секое поле, фото-приватна архива

Освен дружењето и слободата, што најмногу ти недостига од периодот пред здравствената криза?

– Дел сум од Здружението „Аутизам ААМК“ чија целна група се лицата со нетипичен развој, но во содејство со лицата со типичен развој, односно ние правиме сè што е во нашите можности да ја потенцираме важноста од инклузијата и зедничкото секојдневие, особено затоа што токму лицата со аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа, ретки болести и било која друга состојба, болест, било која нетипичност, треба да бидат прифатени и испочитувани токму онакви какви што се. Да бидат сакани, да бидат вметнати во секојдневието онаму и на оној начин каде што можат да придонесат. А можат. И не само што можат туку и сакаат и умеат. Ние треба само да им подадеме рака и ЗАЕДНО да чекориме . Е токму тоа ми недостасува. Најмногу ми недостигаат моите другарчиња, дечињата со кои пред кризава си ги правевме најубавите необични родендени и новогодишни забави, дружбите на Школка и насекаде. Но сите овие мои другарчиња се совесни, знаат што треба да направиме заеднички за што побрзо да се вратат сите овие убави нешта кои со нетрпение ги чекаме.

Како мислиш дека нè промени коронакризата?

– Едно од прашањата кое често си го поставувам е што научивме од кризава, како се променивме? За жал, на вага преовладуваат негативните работи. Се покажа дека многу малку научивме – да се надевам дека грешам – во однос на нашето верување, однесување, хуманоста, човечноста, помагањето, солидарноста. Од една страна веќе подолго време многу од овие вредни човечки карактеристики како да ги снема, а од друга како да се истакнаа други несвојствени или подобро кажано нечовечки за човекот особини. На пример, себичноста, навредувањата, одминувањето и вртењето глава на страна, говорот на омраза, профитот пред здравјето. Затоа, колку и да не сакам, сепак мислам дека коронава кај голем број луѓе го извади на површина она „најнечистото“. Лошотијата стана начин на живот. Но колку и да е тоа така, колку и да добива замав, јас како вечен оптимист верувам дека добрината мора да победи. Тоа и заедно со моите колеги како Амбасадор на говорот против омраза ќе го докажеме.

Се покажа дека многу малку научивме – да се надевам дека грешам – во однос на нашето верување, однесување, хуманоста, човечноста, помагањето, солидарноста. Фото-приватна архива

Го гледаш ли крајот на пандемијата, и што гледаш зад него?

– Најтешкото прашање. Трае, предолго трае, мислевме 2-3 месеци испадна да навлеземе во трета година. Сакам да го видам крајот уште утре ако е можно, впрочем тоа го посакувам одамна, но некако сега верувам дека и навистина се гледа крајот. Гледајќи ги последните чекори на некои земји во светов како Англија, Шпанија, ако не грешам и Данска и Австралија, мислам дека за месец до два ќе заврши ова. Таму и покрај големите бројки на заразени, и покрај сите податоци што одат во прилог на она што го знаеме како засилени мерки, карантини и изолации, тие сепак решија да ги укинат сите мерки, што според мене значи едно – дека им се смачи на сите, им дојде преку глава, можеби увиделе дека ако оди постепено ќе потрае уште и си рекле доста е. Не викам дека е така правилно, може да е и меч со две острици, ама претпоставувам дека е некој почетно-глобален начин за крај. Има многу фактори кои влијаат на ова, на сè, тоа многу подобро ќе го објаснат стручните лица. Но ако е тој модулот, ако се решат и кај нас за ваквиот пристап, тогаш посакувам да биде во најдобра форма, да нема премногу заразени и недај боже починати. Ова е само мое гласно размислување. Јасно ни е на сите дека има некои светски големци кои си цртаат, си пишуваат планчиња и си играат со најголемиот број луѓе во светот меѓу кои и ние, кои сме немоќни заради тие пусти пари, тие будно следат што се случува и ќе се случува. Или како што би рекол вистинскиот големец Балашевиќ: „Неко то од горе види све, повлачи све конце, игра се“.

Таа е реалноста и колку побргу прифатиме дека е така, дека има вирус присутен кој не е ни битно дали е од природата или лабораториски, дали е кинески или американски, вирус кој едноставно коси и ни одзема голем број наши сограѓани, колку побрзо прифатиме дека мора во вакво време-невреме да функционираме на одреден начин…, толку побрзо и ќе се извлечеме од оваа криза. Мора тоа да го научиме зашто не знаеме дали ќе не затекне друга ваква или полоша состојба. Да се надеваме и да веруваме дека нема.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Данска повеќе не го смета Ковид-19 за „критична болест за општеството“: Укинати голем број од рестриктивните мерки

Следно

Стојчевски од Академија Пандев во словачката Жилина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian