Сојузот на средношколци задоволен од почетокот на второто полугодие во школските клупи

2 mins read

Сојузот на средношколци ја поздравува одлуката на Министерството за образование и наука наставата утре да почне со физичко присуство, при што потсетија дека овој став го делат со Комисијата за заразни болести и со претставништвото на УНИЦЕФ во државата.

-Генералното собрание на Сојузот на средношколци вчера едногласно одлучи уште еднаш да го потврди ставот дека наставата треба да се одвива во училишните клупи. Сојузот верува дека во најлоша ситуација наставата треба да се одвива комбинирано, додека во најдобра таа може да биде и целосно физички, соопштија од Сојузот.

Доколку се јави влошување, од Сојузот на средношколци препорачуваат да се оди на комбинирана настава, а не целосно онлајн.

-Најпрвин, сите средношколци, но и членовите на пошироката јавност, се свесни дека интерактивноста и квалитетот на наставата се на далеку повисоко ниво кога таа се одвива во училница споредбено со од далечина. Понатаму, оценките не можат да бидат адекватно проверени во онлајн наставата, додека таа со физичко присуство овозможува соодветна валидација.Што се однесува на физичкото здравје на учениците, во училиштата веќе постојат ригорозни протоколи кои го чуваат здравјето, соопштија од Сојузот.

Оттаму потсетуваат дека токму поради нивниот предлог, во Протоколот се воведе редарска служба во
училиштата за време на одморите.

Според Сојузот, одлуката наставата да се одвива во училишните клупи им овозможува социјализација на средношколците, а на училишните психолози им дава шанса да разговараат со нивните ученици околу нивното ментално здравје.

-Не смееме да заборавиме дека образованието треба да биде приоритетен општествен сектор на една држава. Во време кога економијата функционира нормално без никакви рестрикции, во време кога сите други тривијални сектори се преплавени од посетители, не смееме како општество да си дозволиме образованието да го направиме исклучок. Тоа едноставно треба да биде на прво место, се наведува во соопштението на Сојузот на средношколци.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Трансфер бомба од Аеродром: Војдан Стојановски потпиша за МЗТ Скопје

Следно

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ го избра новиот и проширен состав на Извршниот комитет

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian