Интервју со Сузана Стошиќ, жената што го роди првото бебе во 2022 година, минута по полноќ

5 mins read

Четириесетгодишната скопјанка во една минута по полноќ на новогодишната ноќ на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје на свет донесе здраво машко бебе, кое е првото новородено во Македонија. Вели дека Михаил одлично напредува и ги охрабрува жените дека и на повозрасни години може да станат мајки на здраво бебе. „За децата го живееме животот, само со нив се продолжува и нашиот живот“, вели Сузана Стошиќ.

Фото: Приватна архива

Мајка сте на првороденото бебе во земјава во оваа, 2022 година. Во првата минута по полноќ додека сите наздравуваа и си ја честитаа Новата Година, вие по петти пат добивте машко бебе. Како течеше породувањето?

– Породувањето течеше многу брзо, а поради тоа што јас сум родила повеќе деца, очекувано, и целиот овој процес траеше пократко. Бременоста си течеше како што треба, но затоа што грлото на матката беше скратено, а плодот беше поставен подолу, морав да бидам повнимателна, не можев многу да се наведнувам, но важно е дека сѐ помина во најдобар ред. Одев на редовни контроли кај д-р Слаѓана Симеонова на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, која од самиот почеток ми ја водеше бременоста. Од докторката сум премногу задоволна, таа беше целосно ангажирана за да биде сѐ во ред со бебето и да можам да го износам до крај на терминот.

Голема благодарност и до директорката на ГАК, Викторија Јовановска, која беше дежурна за Нова Година и која ме породи, како и до целиот дежурен тим таа ноќ, кој со мене се радуваше затоа што Михаил дојде на свет жив и здрав во најубавата ноќ.

Имајќи предвид дека бебето ви е родено во термин, дали во текот на бременоста замислувавте или пак, посакувавте да бидете прва родилка во 2022 година?

– Јас сум мајка на четири машки деца и сум пресреќна што го родив мојот син точно на Нова Година, во 00:01 часот.
Би сакала да имам уште едно детенце, но сакам да биде женско. Да сум сигурна дека ќе родам ќерка, овде можеби немаше да запреме. Но, ете, Господ ни даде син, доста е од нас, Господ нека дава таму кај што нема. Господова работа, тој како ќе одлучи, важно децата да се здрави и живи и Господ да ги чува од лоши работи.

Михаил се роди со 3 килограми и 70 грама и со должина од 50 сантиметри. Како напредува?

– Михаил засега добро напредува, по три недели од раѓањето веќе имаше четири килограми. Но, јас немам доволно млеко, па затоа бебето го дохранувам со адаптирано млеко.

Сузана, на 40 година родивте живо и здраво бебе. Имате ли порака или совет до жените кои размислуваат да станат мајки во повозрасни години, во поглед на бременоста и на мајчинството?

– Јас точно на 40-годишна возраст го родив Михаил. Сметам дека е нормално жените да раѓаат и на повозрасни години, не е ништо страшно и да го износиш и да го родиш бебето. Сепак, најважно е да си сакаш децата, најбитно е да бидеш дечар. А, како што гледам, некои не се одлучуваат ниту на едно дете, а не пак на повеќе.
Би им препорачала на идните повозрасни мајки да раѓаат затоа што децата се нашата иднина. За нив го живееме животот, само со нив се продолжува и нашиот живот.

Дали обврските околу Михаил и неговите браќа ќе ви дозволат да продолжите да работите, затоа што во вашето работно време нема слободен ден за викенди и за празници?

– Со раѓањето на Михаил обврските не ми се зголемија многу, затоа што тој е сѐ уште многу мал. Повеќе обврски имам околу одгледувањето на другите деца кои имаат 6, 5 и 4 години. Секое од нив си го бара своето.
Сега засега за работа не мислам, ама понатаму, кога бебето ќе наполни една година, секако ќе мора да се вратам и на работа, мора да се работи со толку дечиња.

Ќе мора да имам и прилагодено работно време затоа што сум мајка на повеќе деца, кои си го бараат сето она што и другите деца на нивна возраст – шетање, носење на лулашки, играње пред зграда со нивните другарчиња, возење велосипед… Затоа што се мали деца, грижата за нив и моето присуство во нивна близина се неопходни.

Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Од утре нови правила за патување во ЕУ

Следно

Ѓоковиќ останува на првото место на АТП ранг-листата, Надал опасно се приближува

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian