Дардан Дехари е дел од македонскиот тим за Игрите во Пекинг: Сонот ми се остварува, ќе учествувам на ЗОИ

7 mins read

Дардан Дехари, единствениот алпинец во тричлениот олимиски тим на Македонија, има долга и богата кариера и настапи на многу големи меѓународни натпревари, но никогаш не настапувал на олимписки игри. Во Кина во февруари ќе му се оствари и таа голема амбиција

Алпскиот скијач Дардан Дехари (31) е најискусниот натпреварувач во тричлениот тим на Македонија (составен уште од нордиските скијачи Ана Цветановска и Ставре Јада) кој ќе се натпреварува на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 (4-20 февруари).

Дехари се натпреварува уште од мали нозе, ги минал сите возрасни категории, учествувал на светски првенства, на трки во Светскиот куп и многу други меѓународни натпревари. Но, досега не учествувал на зимски олимписки игри. Kонечно, во Кина, Дехари ќе вози слалом и велеслалом на едни ЗОИ, ќе настапи на натпревар што за секој спортист е остварување на сонот.

Олимпијадата за мене е остварен сон. Сум учествувал на сите можни натпревари, но во мојата кариера недостига настап на ЗОИ. Дојде време и тоа да го остварам. Секако, ќе дадам се од себе за да постигнам што подобар резултат на овие ЗОИ – вели Дехари чие искуство во алското скијање е несомнено.
– Сум се натпреварувал на осум светски првенства. На ФИС трки се натпреварувам од 2006 година, првото учество на СП ми беше во 2007 година. Оттогаш секои две години се натпреварувам на светските првенства. Сум учествувал и во Кицбил, на една од најпознатите трки во Светскиот куп. Имам учества и на многу трки од Европа купот, на универзијади… Во кариерата имам преку 350 старта на ФИС трки – вели Дехари.

ФИС трки се натпревари под закрила на Светската скијачка федерација (ФИС). Дехари на Свеченото отворање на ЗОИ на стадионот „Птичје гнездо“ во Пекинг ќе го носи знамето на Македонија заедно со колешката од тимот Ана Цветановска.

Дардан Дехари/ фото: МИА

Чест и гордост е да се носи знамето

– Чест за секој спортист е да го носи знамето на својата држава на отворањето на олимиските игри. Така и за мене тој чин претставува голема чест. Горд сум што ќе бидам тој што ќе го носи знамето – вели Дардан, кој е задоволен од тоа како му течеа подготовките за ЗОИ.

– Подготовките одеа добро. Сезоната беше солидна, од октомври постојано сум на скијање. Сега сум подготвен да го дадам најдоброто. Сезонава имам преку 15 меѓународни старта и тоа е доволно за да дојдам до оптималната натпреварувачка форма што ќе гарантира добро претставување на ЗОИ – раскажува Дехари. Меѓу резултатите сезонава тој има и еден подиум. Најдобар резултат сезонава ми беше второ место на слаломска трка во Колашин, Црна Гора, ако зборуваме за најдобар пласман. Имав неколку четврти места, во повеќето од трките завршував меѓу првите десетмина – информира нашиот скијач, кој е првиот тетовчанец кој ќе се натпреварува на олимписки игри.

– На ЗОИ ќе настапувам во велеслалом (13 февруари) и во слалом (16 февруари, н.з.). Очекувам да направам подобар резултат во слалом. Кога бев помлад омилена дисципина ми беше велеслалом, но сега чувствувам дека во слалом сум подобар – ни изјави Дардан.

Дардан Дехари и Ана Цветановски ќе бидат знаменосци на свечетото отворање на Игрите/ фото: МИА

На ЗОИ ќе го придружува неговиот тренер Антонио Ристевски.
– Порано бевме колеги натпреварувачи со Антонио, а сега тој ми е тренер. Мојот, така да го наречам, вечен тренер Иван Лесевски веќе е во пензија, па неговото место го зазеде Ристевски. Продолжувам со него. Многу добро се разбираме, сме живееле заедно 20 години – вели Дехари.

Од цицибан до олимпијада

Тој на скии е од четиригодишна возраст, а учел да скија на Попова Шапка.
– Првите трки ми беа во таканречената возрасна категорија цицибан, натпревари на домашно ниво. Потоа во категоријата пионери одев и на меѓународни натпревари како што се Шкофја Лока, Тополино (односно светското првенство за деца)… Така беше додека дојдов на ниво на ФИС трки. Потоа 99 отсто од трките ми беа надвор од државата, освен Шара купот и Маврово. Имав преку 40 трки секоја сезона – вели нашиот олимпиец.

Дадан има долга и успешна кариера, која бара ангажман цела година, а не само во натпреварувачката сезона. Долгите подготовки на австриските глечери во месеците кога кај нас нема снег, а потоа и трките низ сезоните, бараат многу напори, физичка и ментална издржливост.

– Ме одржува љубовта кон спортот. Јас сум израснал како спортист и додека живеам ќе бидам спортист, без разлика дали ќе се натпреварувам. Тоа ќе оди така… – вели Дехари, кој ќе остане во скијањето и по крајот на натпреварувачката кариера.

– Се ближи крајот на мојата натпреварувачка кариера. Уште не сум одлучил кога ќе биде тоа. Сега сум фокусиран на Игрите, а потоа ќе одлучам што понатаму. Кога ќе престанам да се натпреварувам ќе бидам тренер по скијање, тоа е сигурно – вели Дардан.

Тој не сака да даде предвидувања за својот пласман на овие ЗОИ.
– Не може да каже ни најдобриот на светот кој ќе му биде пласманот, па не можам ни јас. Скијањето е таков спорт, одлучуваат стотинки, а не секунди. Скијачите од Австрија, Норвешка, Швајцарија, Франција, Италија, каде скијањето е национален спорт, се фаворитите за висок пласман. Но конечниот поредок никој не може да го предвиди – вели Дехари.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Марјана Станојковска ги „освежи“ своите следбеници: Позираше во секси зелен фустан

Следно

711 нови случаи на ковид-19 и 22 починати лица, најмладиот има 29 години

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian