Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ денеска изјави дека хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман официјално го поканил рускиот претседател Владимир Путин во посета на Хрватска, но не во негово име, пренесе „Индекс“.
– Пред некој ден овој глупав министер за надворешни работи отиде во Москва. Што прави тој во Москва во моментов? Според моите очекувања, тој требаше да го критикува Лавров. Но, не – човекот отиде таму и официјално му предаде покана на Путин да дојде во Хрватска.
Дали тој е претседател на државата? Дали зборува во мое име? Тој не зборува. Пленковиќ не е претседател на државата и не може да биде домаќин на Путин. Значи, тие исти Руси, на кои им се закануваш и ги стигматизираш, лицемерно ги повикуваш да дојдат во Хрватска, рече Милановиќ.
Милановиќ негираше дека тој ја објавил тезата дека хрватските војници ќе одат во Украина.
– Не, тоа го направи „Јутарњи лист“, кој на насловната страница објави дека НАТО бара 1500 војници. Што е тоа освен вознемирување на јавноста? Така што, јас никогаш не реков дека НАТО го бара тоа, туку превентивно реков дека Хрватска нема да ги испрати. Некој требаше да ѝ каже на јавноста дека тоа е лага и ете, тоа е она што го кажав, објасни Милановиќ.
Зборувајќи за состојбите во Источна Европа, односно евентуалното испраќање војници, тој рече дека хрватската држава никому нема безусловно да ветува.
– Тоа не е кредибилитет, туку недостаток на интелигенција. Ќе видиме што ќе се случи. Ако работите се влошат, нашите луѓе нема да ризикуваат.
Хрватската војска уште никој не ја побарал, но подобро и да не доаѓаат.
Хрватска плати превисока цена, Хрватска не ја ослободи НАТО. Хрватска никому не должи ништо за од неа да се бара да биде овца која колективно оди на колење, рече Милановиќ.