Денеска продолжија возбудувањата на Европското првенство, во Будимпешта се играше натпреварот за петтото место во кое славеше Норвешка со 34:33 после продолженијата против Исланд.
Во регуларните 60 минути Норвежаните воглавно одржуваа позитива, највисоката достигнуваше до „плус четири“, 11:7 и 16:12 во првото полувреме, а во второто 17:13, 21:17 и 22:18, а во самиот финиш од средбата Исланѓаните се вратија и мечот отиде во дополнителни 10 минути.
А таму поснаодлива беше норвешката селекција која со погодокот на Реинкинд пред истекот на последната секунда од второто продолжение ја затресе исландската мрежа.
Судиите од Шпанија, Марин и Гарсија само проверија преку видео снимка дали голот беше реализиран пред завршувањето на времето, тие потврдија дека сè е регуларно, по што следуваше радоста на Норвешка.
Сагосен со осум голови беше најефикасен во победничките редови, а на спротивната страна О. Магнусон постигна 10.