Комеморација за маестро Александар Џамбазов – замина човекот кој беше синоним на македонската популарна музика

6 mins read

Со звуците на неговата Рапсодија за Скопје, наместо како вообичаено со едноминутен молк, денеска во Скопје почна комеморацијата во чест на диригентот и композитор Александар Џамбазов, кој почина на 25 јануари, на 85-годишна возраст.

За Александар како човек, музички творец, диригент, организатор може многу да се зборува. Македонските музиколози веќе тоа го препознаа. Нека му е вечен споменот на нашиот драг, почитуван пријател, колега Александар Џамбазов, рече во својот говор претседателот на Собранието на Сојузот на композитори на Македонија, Јане Коџобашија.

-Си заминува во музичката историја Александар Џамбазов, човекот чие име повеќе од 50 години растеше  и израсна во синоним на македонската популарна музика. Во тој долг творечки период неуморниот творец создаваше многубројни композиции во повеќе музички жанрови. Во последните 15-тина години се повлече од музичката сцена. Последната средба со скопската публика беше на јубилејниот концерт што го организираше Сојузот на композиторите на Македонија по повод 50 годишнината. Тогаш во преполнетата сала на АРМ прозвучеа најубавите композиции на маестро Џамбазов. Тоа беше еден од најубавите музички настани од осамостојувањето на Република Македонија и како да оживеаја надежите дека може да се врати златниот период на македонската популарна музика, рече Коџобашија и додаде дека оттогаш и пред тоа не се случи сличен настан на планот на забавната музика.

Неговиот колега Стојан Стојков рече дека тешко паѓа кога ќе се изгуби колега и кога полека, полека се помалку и помалку има такви луѓе.

-Тој е еден можеби од неколкуте автори културни дејци, културни работници што многу значеше за уметниците затоа што имаше визија. Нека му е светол патот до вечноста, посочи Стојков.

Директорката на ЗАМП, Антоанета Токовска Котевска истакна дека во неговото досие во ЗАМП уредно се пријавени 982 авторски дела, а како што кажа, Џамбазов несебично дал и голем придонес во авторската заштита, првенствено во претседателството на Сојузот на композиторите на Југославија, но и како долгогодишен член на УО и на НО на ЗАМП.

-Постојат повеќе дефиниции за зборот господин, но господин тешко се станува – таков треба да се родиш, а таква привилегија имаат малку луѓе. Маестро Џамбазов беше навистина тоа, роден господин. Кој ја имал привилегијата да го запознае и кој ја допрел неговата добрина никогаш нема да ја заборави. Ќе го паметиме по добрината, хуморот, посебниот шарм, по генијалноста. Композитор, прв диригент, човек на Сојузот на композиторите на Југославија од далечната 1958 година. Дојдовме овде да се поклониме и да кажеме едно големо благодарам за секој момент, за секој збор со кој несебично не почести. Нека тие светол патот кон идеите мој мил мајсторе, рече Токовска Котевска.

Неговиот син Игор Џамбазов им изрази благодарност на сите кои во овие лоши времиња присуствува на комеморацијата.

-Ја чувствувам љубовта што ја имате кон вашиот омилен маестро, вашиот чичко Ацо, вашиот Џамбаз. Тања јас и целото семејство ви ветуваме дека истата оваа количина љубов ќе ја земеме сега со нас и ќе ја пренесеме во неговиот вечен дом. Денес тоа ќе го направиме само во најблискиот круг на семејството, а вие уште од попладне ќе можете да му оддадете последна почит на еден благодарен човек, на еден кроток, мирен господин, на еден човек кој кога ќе му го споменевте името настрана, прво што предизвикуваше кај луѓето беше насмевка. Човек кој цел живот беше во сенка на други, а всушност е најголем во нашето семејство. Прво викаше што сум јас, цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор – што сум јас. Сега ќе ти кажам – ти си маестро, рече Игор.

Александар Џамбазов иако е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина – Србија, целото детство го поминал во Штип и Скопје каде стекнува основно и средно музичко образование. Дипломирал во 1960 година на Музичката академија во Белград во класата на Марко Тајчевиќ. Целиот свој работен век го помина во Македонската радио телевизија, најнапред како млад соработник во музичките редакции, а потоа како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Тој е еден од иницијаторите и основоположниците на Скопскиот фестивал на забавни мелодии и на Фестивалот на детски песни „Златно славејче“ на кој го доби и прекарот „чичко Ацо“. Освен во популарните жанрови, во кој има бројни забавни мелодии и детски песни, во творечкиот опус на Џамбазов има дела од класичната музика, оркестарски, хорски и камерни творби, творби за бас и пијано, музика за филм и театарски претстави. За својата музичка дејност е добитник на голем бројни највисоки државни и стручни награди, а неговото дело Рапсодија за пијано и симфониски оркестар има добиено награда на Меѓународниот конкурс во Италија.

Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

skopjeinfo.mk

Претходно

Пендаровски се сретна со претставници на ОМО „Илинден“ и здруженија на граѓани од Република Бугарија

Следно

ФОТО | Стефанија Несторовска ни носи уникатен рецепт: Сочен чоко-малина банана леб

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian