Германските медиуми за Милановиќ: „Тврдоглав, противник на ковид мерките, популист“

5 mins read

Огромно внимание на германските медиуми привлекоа овонеделните изјави на претседателот Зоран Милановиќ со кои најави дека Република Хрватска ќе ги повлече сите свои војници од контингентот на НАТО во Источна Европа во случај на ескалација на ситуацијата, пишува Дојче веле.

Агенцијата ДПА ги пренесе клучните изјави на Милановиќ – како онаа дека во актуелниот конфликт треба да се земат предвид руските безбедносни интереси, односно оценката на Милановиќ дека Украина е една од најкорумпираните земји. ДПА јави дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ им се извини на Украинците за изјавата на претседателот и додаде дека Хрватска е сигурен партнер во Европската Унија и НАТО и дека ќе ги почитува своите обврски.

Во веста објавена од оваа агенција се вели дека Милановиќ се повеќе се профилира на „популистички позиции“, а за него се пишува како тврдоглав претседател кој се истакнал како критичар на мерките за корона, како поддржувач на националистичките Хрвати во Босна и Херцеговина и со изговори за брутален однос кон бегалците од страна на хрватските полицајци“.

„Загреб и западот“

Едногласноста во хрватскиот државен врв за актуелните безбедносни прашања е тема на написот во денешниот број на Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЗ). Под наслов „Загреб и западот“, весникот забележува дека изјавите на Милановиќ за повлекувањето на хрватските војници „до последна“ привлекоа големо внимание во Русија и земјите-членки на НАТО „и затоа што тие може да се сфатат како повлекување на Хрватска воопшто од Организацијата на Северноатлантскиот договор“.

ФАЗ нагласува дека претседателот на Хрватска не може сам да донесе ваква одлука, потсетува дека Хрватска не е воена велесила, но и напоменува дека политичкиот сигнал од ваквите изјави, особено деновиве, одлично и одговара на Москва.

Тие изјави во медиумите наидоа на контрадикторни реакции, пишува ФАЗ. Се наведува дека Јутарњи лист го нарече хрватскиот претседател „ѕвезда на руските медиуми лојални на Кремљ“, но ја пренесе и оценката на руската РТ, која пишува „Конечно разумен европски лидер“ и смета дека Милановиќ само го кажува она што многумина во Европската Унија го мислат но досега не се осмелиле јавно да зборуваат.

„Шеќерен напад“

Изјавите на Милановиќ се во спротивност со линијата на хрватската влада, пишува ФАЗ. Министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман во изјава за весникот нагласи дека претседателот не зборува во име на Хрватска, туку во свое име и нагласи дека Хрватска е лојална членка на НАТО.

Германскиот весник пишува и за „саркастичната“ реакција на премиерот Пленковиќ, кој рече дека на Милановиќ можеби му биле дадени премногу бонбони при неговата посета на фабриката за чоколади (Краш) и дека тоа го кажал „во шеќерен напад“.

Реторичката пресметка меѓу претседателот и шефот на владата не е ништо ново во Хрватска, потсетува ФАЗ и пишува дека не поминува недела, а двајцата да не се закачат. Според германскиот весник, Милановиќ е „формално социјалдемократ“, но тој редовно го привлекува вниманието на изјавите „кои во Германија би можеле да се наречат десничарски популистички или дури и радикални десничарски“.

Препукнување меѓу Милановиќ и Пленковиќ

Се додека Пленковиќ е на чело на владата, надворешнополитичките ескапади на Милановиќ нема да поминат без противречности во Хрватска, смета ФАЗ. Но, на крајот од статијата, тој забележува: „Вистина е и дека Милановиќ е најпопуларниот политичар во земјата. Можеби би било поправилно да се каже дека тој е најмалку непопуларен“.

Сè на сè, заклучува ФАЗ, Хрватска останува земја чии жители се ориентирани кон Запад. Весникот ги наведува резултатите од неодамнешното истражување на Евробарометар во кое 70 отсто од испитаниците во Хрватска одговориле „да, целосно“ или „да, делумно“ на прашањето дали се чувствуваат како граѓани на Европската унија. Во однос на НАТО сликата не е толку јасна, пишува ФАЗ: 44 отсто од испитаниците во Хрватска имаат доверба во НАТО, а 47 отсто недоверба.

„Изјавите на Милановиќ со еден дел од населението веројатно се на плодна почва. А тој можеби пресметал со своите изјави“, заклучува ФАЗ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ковачевски утрово му се јавил на Мицкоски: „Договоривме средба“

Следно

Нов црн рекорд во Турција, повеќе од 93.000 случаи на коронавирус за 24 часа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian