ФОТО | Стефанија Несторовска ни носи уникатен рецепт: Сочен чоко-малина банана леб

3 mins read

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш знае да нѐ изненади со интересни и инвентивни јадења.

Стефанија денеска сподели уникатен рецепт – и за оние што обожаваат нови, интересни вкусови, но и за пребирливците и за оние што се лојални на традиционалните јадења. Чоко-малина банана лебот е нешто што, дефинитивно, треба да се проба.

Состојки:

– 2 зрели банани пасирани (колку позрели, толку подобро)

– 160 гр (1/2 шолја) јаворов сируп

– 125 гр (1/2 шолја) путер од бадеми

– 100 гр (1 шолја) овесно брашно

– 3 (полни) лажици какао

– 1 лажичка прашок за пециво

– 1 грст замрзнати малини

Подготовка:

Се загрева рерната на 175 степени и се додава хартија за печење на тава за печење леб. Или каква било тава/калап по желба.

Во голем длабок сад се додава пирето од банани, путерот од бадем и јаворовиот сируп. Се промешува сѐ додека не се добие соединета смеса.

На оваа смеса се додаваат и останатите суви состојки (освен малините) и повторно се промешува.

Се додава добиената смеса во претходно подготвената тава и убаво се израмнува. Се додаваат и замрзнатите малини одозгора и се притиснуваат за малку да навлезат во тестото.

Се пече 40-45 минути со тоа што по 30-тина минути со чепкалка треба да се провер до каде е. Ако чепкалката излезе чиста – лепчето е готово, ако остане тесто – значи му требаат уште дополнителни 5-10 минути.

Се остава да се излади барем 15-тина минути пред да се исече. Текстурата на ова лепче е мека и сочна одвнатре, а закоравенка и цврста одозгора. Како што ќе се лади, така сѐ повеќе ќе се стегнува, меѓутоа текстурата внатре треба да остане иста.

Може да го чувате 2-3 дена на собна температура (нема јајца и млеко внатре, па нема што да се расипе) или, пак, во ладилник до 6 дена.

Стефанија Несторовска/Фото: Приватна архива

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Јаворовиот сируп може да се замени со кој било друг течен засладувач. Агаве, меласа, мед, сируп од урма и слично, во истата количина.

→ Путерот од бадеми секако може да се замени со каков било друг путер од јаткасти плодови или, пак, со таан.

→ Овесното брашно може да си го подготвите сами дома со блендирање на овесни снегулки во блендер сѐ додека не се добие текстура на брашно.

→ Малините може да се заменат со кое било шумско овошје или, пак, со некој фил по желба како на пример: вишни, капини, јаткасти плодови, кокос, чоколадни парчиња и слично….

→ Лепчето не е премногу благо, но е многу вкусно. Ако сакате да биде малку повеќе „десертско“, топла препорака е да си додадете некоја лажица кокосов шеќер или чоколадни парчиња.

Стефанија Несторовска/Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Комеморација за маестро Александар Џамбазов – замина човекот кој беше синоним на македонската популарна музика

Следно

Ѓоковиќ сигурно губи: Медведев со трофеј до светскиот трон или Надал до историски рекорд

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian