Јакобсен одговори на обвинувањата дека намерно загубил од Франција

2 mins read

Многу прашина се крена по натпреварот меѓу Франција и Данска. Данска, која веќе се пласираше во полуфиналето на Европското првенство, во мечот влезе без неколку од најдобрите играчи како Хансен или Гидсел. Од друга страна, Франција не требаше да го загуби тој натпревар бидејќи во спротивно ќе завршеше третопласирана во групата зад Данска и Исланд и ќе се бореше само за петтото место.

Резервниот дански тим доминираше 50 минути во текот на мечот, Скандинавците константно имаа предност од пет голови разлика, но во последните 10 минути „триколорите“ направија пресврт, а разочараните Исланѓани не можеа да поверуваат. По натпреварот многу се зборуваше за сомнителни работи кои се случуваа во финишот од тој дуел, а некои дури тврдеа дека Данците намерно загубиле за во полуфиналето наместо во Шведска да играат против Шпанија.

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, остро ги отфрли овие наводи и обвинувања.

– Го дадовме максимумот против Франција и јас стојам зад овие зборови. Бесмислени се приказните дека намерно загубивме за да играме против Шпанија, а не со Шведска. Шпанија е одлична комбинација на младост и искуство со одличен селектор, а истото може да се каже и за Шведска. Така што не ја гледам логиката во тие обвинувања. Најважно ни беше да се пласираме во полуфиналето.

Очекувам мали детали да одлучат за средбата со Шпанија. Можеби тоа ќе биде поддршката од трибините која ја посакува секоја екипа. Се надевам дека ќе пристигнат многу нови фанови од Данска. Секогаш имаме голема поддршка на големите натпреварувања – вели Јакобсен.

Денеска од 15.30 часот за петтото место на ЕП ќе играат Исланд и Норвешка, потоа следуваат полуфиналните мечеви, од 18.00 часот Шпанија – Данска и од 20.30 часот Франција – Шведска.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Проверувајте го мејлот: Жена освоила 3 милиони долари преку „спам“ пошта

Следно

Ќучуков: Спорот за Северна Македонија во Бугарија се претвори во натпревар во патриотизам

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian