Соработката на патишта и пруги отвора пат до политичко решение

7 mins read

Намерата на премиерите прво да разговараат и да создаваат услови за економската и културна соработка, а потоа да ги решаваат отворените политички прашања, според аналитичарите е добра, но потребно е време за да се увиди дали е искрена и одржлива.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и бугарскиот премиер Кирил Петков оптимистично оценија дека изразената политичка волја и духот на искреност и отвореност што преовладуваше на досегашните две средби во Скопје и во Софија водат кон заеднички прифатливи решенија за прашањата од интерес на Македонија и на Бугарија. Намерата на премиерите прво да разговараат и да создаваат услови за економската и културна соработка, а потоа да ги решаваат отворените политички прашања, според аналитичарите е добра, но потребно е време за да се увиди дали е искрена и одржлива.

Веднаш по враќањето од Софија, премиерот Ковачевски вчера со министерот за транспорт Благој Бочварски и со директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми изврши увид на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Овој пат е дел од Коридорот 8, за кој двајцата премиери се обврзаа дека ќе ја интензивираат изградбата.

– Со колегата Петков многу време посветивме во разговор за важноста од Коридорот 8 и особено на патната инфраструктура, која во голема мера зависи од институциите и изведувачите. Се договоривме заедничката работна група во чија надлежност е патната инфраструктура, високо на својата агенда да го врати Коридорот 8 меѓу врвните приоритети на ЕУ. На тој начин очекуваме поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура – рече вчера Ковачевски.

Добро е како за почеток

Поранешниот пратеник и аналитичар Михаил Пановски смета дека ова интензивирање на контактите меѓу новите премиери на Македонија и на Бугарија отвора, простор за санирање на нарушените односи меѓу двете земји, кои лани биле на најниско ниво во историјата, за што ги смета за одговорни тогашните преговарачи Зоран Заев, Бојко Борисов, Никола Димитров.

– За кавга секогаш се потребни двајца. Ова што се случува во последниве денови е позитивен исчекор и се надевам дека ќе заврши добро – вели Пановски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Тој додава дека во двете земји има инсталации што ќе сторат сѐ Македонија да не дојде до крајната цел, да се приклучи кон ЕУ.

– Петков има многу проблеми, кои овдешната јавност не ги знае. Во неговата владина коалиција има две партии што се проблематични. На пример, му беа предложени за советници пет луѓе за кои е докажано дека работеле за Русија. И тука во Македонија има луѓе што имаат интерес ние да останеме каде што сме. Овдешните инсталации што се поставени од Белград, ќе сторат сѐ да се растурат односите – вели Пановски.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на новиот развој на односите меѓу Скопје и Софија гледа како на симболичен чекор што може да ја релаксира тензијата и да создаде конструктивна атмосфера за натамошна работа, како и обид за анулирање на негативниот дел во двете општества, односно оние сили што не сакаат да се реши спорот.

– Двајцата премиери навистина имаат автентична намера да ги приближат општествата и да создадат услови за решавање на спорот, но имаат и проблеми, особено бугарскиот премиер. Останува да се види дали искажаните намери и оцени навистина ќе донесат исчекор или се само купување време. Има деструктивни сили и во двете општества, но особено се видливи во бугарското општество каде што сè уште е големо руското влијание и се негува силен националистички наратив – вели Трошановски за „Слободен печат“.

Османи утре ќе реферира за „пет плус еден“ пред пратениците

Бугарскиот премиер Петков вчера им се заблагодари на сите министри што учествуваа на средбите со високата македонска владина делегација.

– Напредокот што е постигнат е опиплив и со јасни резултати, и тоа се спроведе на сосема поинаков и конструктивен тон во однос на минатите години. Отсега нашата заедничка работа ќе доведе, се надевам, до добрососедство, за што сите веруваме дека треба да се случи – рече Петков.

Тој утре ќе реферира пред пратениците во бугарскиот парламент за резултатите од неговата посета на Скопје минатата недела, како и од заедничката владина седница завчера во Софија, на  барање на најголемата опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера ја прифати поканата на претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ да открие какви се македонските одговори на бугарските барања „пет плус еден“. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски вчера нагласи дека „мора да ја знаеме целата политичка содржина на тие пет точки што се зборуваат, бидејќи тоа е многу важно и тоа е суштината“ и дека не треба да се заборави дека сите политички партии во Собранието донесоа Резолуција со црвени линии што никој не смее да ги помине.

Мицевски: Да не бидеме еуфорични

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, рече дека е внимателен во оцената на она што се случува, посебно во изминативе неколку денови.

– Има придвижување, тоа е добро, меѓутоа различни се аспектите од бугарска страна и од македонска страна. Зошто го велам ова? Затоа што ние суштински треба да направиме одредени промени. Ако ние се задоволуваме и еуфорично ги прифатиме овие први почетни чекори што се прават, а тоа е во делот на меѓусебна соработка во различни комисии и сектори, како на пример авиолинија Скопје-Софија или отворање на граничниот премин Клепало, мислам дека сме на погрешна патека – рече Мицевски за „Утрински брифинг“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Денес го празнуваме Свети Сава, архиепископ Српски

Следно

Учениците од 1 февруари се враќаат во училишните клупи

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian