Разговор со Соња Димитровска: Жена од акција и креативка што прави ЕКО восочни обвивки

6 mins read

Денеска разговараме со многу интересна соговорничка, за чија работа и активна грижа за средината дознавме преку инстаграм-плаформата.

Станува збор за Соња Димитровска, креативна пензионирана економистка, која стои зад профилот „ЕКО восочни обвивки“. Соња ни ја долови приказната за она што го прави и како животот ја донел до овие благородни, еколошки свесни форми на делување.

Соња, вие сте пензионерка во моментов. Што сте по професија и како дојдовте до тоа приказната со еколошките восочни обвивки да ви стане дел од животот? Како дојдовте до идејата за ваков несекојдневен, а би рекла веќе актуелен тип практика за виткање храна?

– По професија сум дипломиран економист и целиот работен век професионално бев ангажирана во областа на финансиите. По природа сум креативна личност. Љубовта кон природата и желбата за живеење во еколошки чиста животна средина, секојдневно ме инспирираат и го поттикнуваат мојот порив за креирање и уживање во убавото.

Идејaта за изработка на еко восочни обвивки произлезе од подарокот – восочна амбалажа, кој за првпат го добив од мојата внука која живее во Нов Зеланд. Со многу ентузијазам ја создадов ЕКО восочната обвивка од 100-процентен памучен материјал и природен пчелин восок, на мој начин како амбалажа која ги заменува пластичните и алуминиумски материјали и може повеќекратно да се употребува. Таа е еколошка, практична, со убав дизајн и лесно се одржува. Наменета е за чување на храна, особено на овошје, зеленчук, зачински растенија или леб. Обвивката „дише“ и овозможува хранатa да остане подолго свежа, со што се намалува прекумерното фрлање храна. Особено е практична за одржување на свежината на половинки лимон, портокал, јаболко, авокадо, магдонос, целер, морков, кашкавал, леб итн. Обвивките може да се користат и за пакување сендвичи, за покривање садови, за завиткување на цвеќе, предмети и сл. Единствено не препорачувам во нив да се чува месо или сувомесни производи.

Со топлината на дланките восочните обвивки омекнуваат, лесно се обликуваат според формата на она што се завиткува. Се одржуваат многу лесно, по секоја употреба може да се измијат во млака вода со благ детергент, природно се сушат и одново се подготвени за употреба.

Колку е процесот од идеја до реализација едноставен/предизвикувачки? Со што требаше да се соочите на почетоците?

– Изработката на восочните обвивки не е едноставна. Целокупниот процес е долготраен и бара голема посветеност. Почетоците беа навистина предизвикувачки. Требаше да се најде квалитетен 100-процентен памучен материјал во нашите продавници, природен пчелин восок од локални македонски пчелари за кој на почетокот немав доволно познавање, вистинскиот начин за импрегнирање на восокот врз материјалот, соодветна подготовка и обработка на материјалите. Со тек на време, со многу направени обиди и експерименти го совладав целокупниот процес, ресурсите внимателно ги избирам, а истоврмено ја создадов и усовршив мојата уникатна техника за нивна изработка. Особено сум благодарна за помошта и поддршката на моето семејството во процесот на изработка на производот кој веќе денес е препознатлив.

Како ги поминувате пензионерските денови и што ви е омилено хоби покрај главната изработка на обвивките?

– Во пензионерските денови се чувствувам прекрасно, а што е најважно здрава сум и среќна. Моето секојдневие има содржина. Утрата ги поминувам со читање книги, кои најчесто ги земам од библиотека, потоа следи пешачење и дружење со пријателките. По природа сум креативна личност и сѐ правам со многу љубов и посветеност. Посебно задоволство ми е гастрономијата, убаво подготвена трпеза, независно дали е празнична или секојдневна, естетиката на ентериерите и сл.

Што значи за вас да се биде свесен за еко сегментите од живеењето?

– Верувам дека со мала промена на секојдневните навики можеме многу да помогнеме, себеси и на околината. Со вистински свесен избор и здрави навики можеме да живееме поквалитетен живот. Доколку се потрудиме малите еколошки навики да ги внесуваме во нашето секојдневие, не само што ќе придонесеме за зачувување на животната средина од дополнителен отпад, туку и за значајна заштеда на парични средства. Всушност, на секој чекор постои некој подобар избор. Потребно е секој од нас малку повеќе внимание да обрне на сето тоа. Тргнувајќи од себе, сѐ почесто практикувам секојдневно да пазарам со платнена торба за повеќекратна употреба, која истовремено е поцврста и поудобна за носење. Често ги користам восочните обвивки за завиткување на половинки од овошје и зеленчук. Повремено вишокот храна не го фрлам, туку го завиткувам во еко восочни обвивки и го замрзнувам. Кога имам можност, користам природни средства за чистење во домот. Преферирам што почесто да купувам свежа храна, неспакувана. Редовно носам свое шише за вода. Силно верувам во колективната свест и во тоа дека секој индивидуален избор влијае на сите нас. Со вистински свесен избор и здрави навики, можеме да живееме поквалитетно и подолго!

Да не се занимававте со изработка на еко восочни обвивки, што би ви била главна преокупација?

– Јас сум личност која лесно се прилагодува во секакви ситуации. Доколку не би правела обвивки чија изработка, која, ќе повторам, не е едноставна, иако максимално ме исполнува, јас сум креативна по природа и секако би си нашла некое друго хоби. Особено би си ја реализирала мојата најголема животна желба, со мојот сопруг да реализираме што повеќе патувања низ светот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Германија ќе го вклучи и гасоводот „Северен тек 2“ во листата на санкции против Русија

Следно

По три години натегање, отворена е депонијата „Русино“ кај Гостивар – ќе опслужува девет општини

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian