Пред 50 години стјуардесата Весна Вуловиќ преживеа пад од 10.000 метри: Најголемата авио мистерија во Југославија

6 mins read

Пред 50 години, стјуардесата Весна Вуловиќ преживеала пад од авион од повеќе од 10.000 метри и влезе во Гинисовата книга на рекорди како единствена која преживеала пад од таква височина без падобран, пренесува „Би-Би-Си“.

Пред точно 50 години, Весна Вуловиќ преживеа авионска несреќа од над 10.000 метри

Авионот на сега веќе непостоечката компанија ЈАТ (Југословенски аеротранспорт) на 26 јануари 1972 година, не пристигнал на својата крајна дестинација.

Бомбата која била поставена од непознати сторители во авионот експлодирала над тогашна Чехословачка. Загинаа сите освен една жена, стјуардесата Весна Вуловиќ.

„Тој факт е сè уште неверојатен“, изјави за „Би-Би-Си“ Илија Кукобат, историчар на воздухопловството и соработник во Институтот за современа историја. „Имаше случаи на луѓе кои преживеале падови од голема височина, како советските и британските авијатичари за време на Втората светска војна, но некој да апреживее пад од 10.000 метри…“, истакнал тој.

Авионската несреќа

Истрагата, спроведена во тогашна Чехословачка, покажа дека експлозијата на бомбата е причина за авионската несреќа.

„Во краткото резиме на извештајот, објавен од нашата Федерална управа за цивилно воздухопловство, во редовниот годишен билтен за редовни авионски несреќи, пишуваше дека се работи за бомба“, објаснува Кукобат.

Авионската несреќа се случила кога избила експлозија од куфер кој бил потпрен на преградниот ѕид на првиот багажник, изјави за „Политика“ пред десет години Златко Вереш, тогашен шеф на југословенската контрола на летање и експерт за авионски несреќи.

„Се шират различни теории, затоа што раководството на СФРЈ никогаш не сакало да го објави името на човекот кој ја донел бомбата во авионот, иако е утврдено дека тој е припадник на хрватската екстремна емиграција“, во тоа време изјави Вереш.

Имало и други теории – една од нив била дека припадниците на чехословачката армија урнале авион кој наводно не смеел да лета таму за време на воена вежба. Но, сите тие остануваат како теории на заговор, никогаш не се докажале.

Весна Вуловиќ ја спасило тоа што останала во задниот дел од авионот, кој останал релативно недопрен. Авионот ДЦ-9 на ЈАТ се урнал во атарот на селото Српска Каменица, денеска во Чешка. Весна ја пронашол локален шумар по име Бруно Хенке.

„Сечев дрва во шумата кога ја слушнав експлозијата. Истрчав и видов луѓе како летаат низ воздухот“, рекол тој неколку години по несреќата.

Во војска, како што открил, научил колку е важна прва помош, па ѝ помогнал на 22-годишната Весна.

„Кога пристигна брзата помош, ја легнавме девојката на носилка и ја предадовме на лекарите“, додал тој.

Веста дека Вуловиќ го преживеа падот од 10.000 метри ги збунила најдобрите медицински експерти во тоа време.

Чудо не бил вистински збор, морало да се смисли нов

Во тие години ЈАТ беше омилен работодавач кај младите поради можноста да патуваат низ светот и да заработат пристојни пари, а конкуренцијата за прием на обука била огромна.

Весна Вуловиќ по долго закрепнување почнала да работи како таканаречена национална стјуардеса, до нејзиното пензионирање.

Педесет години подоцна, на официјалната веб-страница на Гинисовата книга на рекорди, нејзиното име се уште е напишано – го преживеала падот од највисоката висина во историјата.

Поради сето тоа, нејзиниот случај со децении привлекува големо медиумско внимание ширум светот.

Како Весна Вуловиќ преживеала?

Фактот стои дека на 10.000 метри нема живот, имајќи предвид дека декомпресијата може да направи голема штета… така што тоа што преживеала е вистинско чудо, велат експертите.

Ниту Лука Поповиќ, експерт за авиосообраќај, денеска не може да објасни како Вуловиќ го преживеала падот од 10.000 метри.

Вуловиќ во тоа време изјави дека била врзана за седиштето во авионот, кое по експлозијата останало поврзано со тоалетите и паднало на планина покриена со снег.

Според едно нејзино сведочење, Весна Вуловиќ во Копенхаген кога се качила во авионот забележала дека еден од нејзините патници е чуден. Човекот наводно не се вратил во авионот и наводно поставил бомба, но ниту тоа не е докажано.

„Дадов стотици интервјуа, секогаш повторувајќи ја истата приказна. По несреќата, ме најде шумарот Бруно Хенке, поранешен војник на Рајхот, кој со група селани со батериски ламби ја пребаруваа областа каде што се урна авионот. Ќерката на Хенке доби девојче по пет месеци и ѝ го даде моето име. На местото на трагедијата е поставен голем споменик“, откри Весна.

По несреќата, Вуловиќ неколку дена била во кома

Имала фрактура на черепот, а подоцна и интрацеребрална хеморагија. Ги скршила двете нозе, неколку ребра, три пршлени и имала скршеница на карлицата. Поради овие повреди таа останала парализирана од половината надолу.

Благодарение на чешките лекари, особено на докторот Иво Фусек, кој ја оперирал во Прага, Весна Вуловиќ десет месеци по падот повторно проодела. Закрепнувањето го препишала на „српската тврдоглавост“ и исхраната во детството – чоколадо, спанаќ и рибино масло.

Весна стана почесен граѓанин на Српска Каменица, а претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито ѝ го врачи одликувањето народен херој. Мирослав Илиќ, познат пејач на народна музика, ѝ ја посвети песната „Весна стјуардеса“. Таа почина во 2016 година.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Петков: Влезот во Шенген останува стратегиска цел за Бугарија

Следно

Големо е егото на Роналдо, го блокира Трансфермаркт кога виде колку е проценет

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian