Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска заминува во работна посета на Брисел каде ќе учествува на состанокот на Мониторинг групата за демократија, владеење на правото и основните права на Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент, посветен на состојбите во Бугарија.
Групата ги следи случувањата во сите земји-членки на ЕУ, а ова е трета средба на која учествуваат претставници на бугарските институции. Кирил Петков ќе биде првиот премиер што одговори на поканата.
На расправата ќе учествуваат и министрите за правда Надежда Јорданова и министерот за култура Атанас Атанасов.
Во рамки на посетата на Брисел, премиерот Петков ќе се сретне и со новоизбраната претседателка на Европскиот парламент Роберта Мецола, како и со претседателите на политичките групи во ЕП.
Реферирањето на Петков во Брисел доаѓа два дена по интензивните билатерални средби со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министрите при што двете земји потпишаа три меморандуми за соработка на полето на земјоделството, претприемаштвото и транспортната инфраструктура.
Брисел го поздрави придвижувањето во македонско-бугарскиот дијалог и добрата волја од двете страни за решавање на отворените прашања меѓу двете земји кои по бугарското вето ја закочија евроинтеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ.