Нуредини: Откако ја воведовме забрана за користење на пластични кеси, нивната потрошувачката е намалена до 10 пати

3 mins read

Има големо намалување на потрошувачката на кеси по воведувањето на забраната за користење на пластични кеси за носење стоки и дозволена употреба само на биоразградливи кеси за носење стоки со надоместок од 15 денари, оцени денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

-Поминаа речиси два месеци од воведувањето на забраната. Во првиот месец – декември 2021 година од продажбата на биоразградливи кеси се собрани 14.413.019 денари. Според анализите кои ги започнавме да ги правиме во соработка со маркетите може да се заклучи дека имаме големо намалување на потрошувачката на кеси, рече Нуредини на денешната средба со новинарите.

Нагласи дека во некои маркети кои порано бесплатно давале кеси има намалување и до 10 пати, а кај оние кај кои се плаќале по денари или два, продажбата на кеси е намалена четири пати.

-Потребно е време за навикнување и прилагодување, но сепак веќе има доста позитивни промени, а маркетите продале и голем број на торби за повеќекратна употреба. Следи донесување на програма за инвестирање на средствата кои се добиени од продажбата на биоразградливите кеси, а целта е овозможување на системот за селекција на отпад да го осети секој граѓанин. Ќе дадеме почетен импулс на локалната самоуправа и колективните постапувачи кои имаат обврска со новите закони да воспостават инфраструктура за селекција на отпад за граѓаните, посебно во заштитените подрачја, рече Нуредини.

Најави дека ќе следат почести контроли во маркетите и додаде дека не е дозволена употреба на пластични кеси подебели од 15 микрони за носење стоки без разлика дали се со рачки или без рачки и додаде дека таквите кеси мора да се плаќаат по 15 денари. Кесите потенки од 15 микрони, посочи, се за хигиенска употреба и може да се користат за пакување месо за што маркетите плаќаат.

-Во контакт сме со Пазарниот инспекторат за да има построги контроли за имплементирање на законите. Контролите ќе ги започнеме во поголемите маркети, бидејќи тие се и најголеми потрошувачи на кеси. Еден голем маркет лани во ноември пред воведувањето на забраната бесплатно делел по 800 илјади кеси, а по воведувањето во декември продал 103 илјади. Друг голем маркет во кој се плаќале кесите месечно продавал по 709 илјади, а сега продава само 147 илјади кеси по 15 денари, рече министерот за животна средина и додаде дека во декември се собрани 240 илјади евра од продажбата на биоразградливи кеси.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Колинс ќе биде противничка на Барти во финалето на Австралија Опен

Следно

СНЕГОТ НИ ДОАЃА УТРЕ – еве каква временска прогноза најавува УХМР за овој викенд, снег ќе врне и следната недела!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian