Муслиу: Не ни требаат боксери во владите во Скопје и Софија, да ја цениме позитивната енергија

3 mins read

Да бидеме реални и објективни во очекувањата за решението на спорот со Бугарија и да оставиме и на времето да заврши некои процеси, вели аналитичарот Алберт Муслиу за „Слободен печат“ запрашан како ги коментира последните промени во позициите на бугарскиот државен врв.

– Треба да се цени позитивната енергија. Нам не ни се потребни боксери во владата, ниту популисти, ниту од ова треба да се прави реалити-шоу. Нашата влада има обврска да го реши спорот со Бугарија и прави што може во таа насока. Овој наратив што го слушаме сега е многу попозитивен од она што го слушавме минатата година. Премиерот Кирил Петков е повоздржан, гледаме дека воздржано одговара и на провокативните прашања на бугарските медиуми. Објективно, ставовите на сегашната бугарска власт се далеку попозитивни од изјавите на претходната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, еве, да не го ни спомнувам поранешниот вицепремиер Красимир Каракачанов. Сега се работи на она, да се постигне едно надминување на моментот, за што е неспорна позитивната енергија. Да бидеме умерени и свесни, а не бидеме популисти, оти популистичките изјави и однесување досега не доведоа до овој ќорсокак – вели Муслиу.

Во врска со забелешките дека има асиметричност во барањата и постапките на Бугарија Муслиу вели дека реално ние и сме асиметрични, затоа што Бугарија е четири пати поголема држава и е членка на организација во која ние сакаме да влеземе, а за што ни е потребна нејзина согласност.

– Надминувањето на спорот е процес и битно е да почне, па во текот на процесот ќе се подобри атмосферата како што ќе одминуваат разговорите, како што ќе се развива економската соработка, како што ќе се гради инфраструктурата итн. И во текот на самите преговори за членство тој процес ќе продолжи – вели Муслиу.

Времето лекува и помага и така ќе биде и во македонско-бугарските односи, додава тој. Ако можеле Франција и Германија да се помират и денеска двете земји да бидат лидери на ЕУ, ќе се помират и Македонија и Бугарија, при што Бугарија ниту оддалеку не ѝ го сторила на Македонија она што Ферманија ѝ го сторила на Франција.

– Пред 10 години никој не можеше да замисли дека Александар Вучиќ ќе седи на преговарачка маса со косовски лидер, па сега седи. Важно е, велам, процесите да почнат и работите ќе се менуваат. Очекувам дека Бугарија нема да ни стави вето кога ќе дојде денот Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, како што нема да ѝ стави ниту на Србија, со која пак, има многу повеќе нерешени историски теми, отколку со нас, како со земја со која повеќе пати војувала во минатото, а не ја блокираше при почетокот на преговорите за членство – вели Муслиу.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Базенот во СЦ „Борис Трајковски“ од утре продолжува со работа

Следно

Беким Сали утре ќе се вакцинира со трета доза на вакцина против коронавирусот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian