Ана Цветановска е македонска претставничка на Игрите во Пекинг: Кога почнував, не ни сонував дека ќе дојдам до ЗОИ

4 mins read

Во женска конкуренција Македонија во Пекинг ќе има само една натпреварувачка, нордијката Ана Цветановска (21). Кога почнала да тренира нордиско скијање, таа не ни сонувала дека ќе дојде до настап на олимписки игри, но сега веќе има учества на СП и на СК, а пред неа се трките во Пекинг     

Нордиската скијачка Ана Цветановска (21) е единствената натпреварувачка во тимот на Македонија на Зимските олимписки игри Пекинг 2022 (4-20 февруари), а е дел од нашиот тричлен состав, заедно со натпреварувачите Ставре Јада и Дардан Дехари.

Ова е деби-настап на Цветановска на едни ЗОИ, која пред себе си постави цел да постигне што е можно подобри резултати во дисциплините во кои ќе настапи. Таа ќе се натпреварува во дисциплините  7,5 км слободно, плус 7,5 км скијатлон и 10 км класично (настап на 5 и 10 февруари). Ана е од Скопје, од клубот Скии рис.

Ана Цветаковска/ фото: Фејсбук/Ana Cvetanovska

– За мене учеството на овие ЗОИ значи да постигнам резултат со кој треба да го покажам своето искуство и квалитет и да ја претставам својата држава во најдобро светло. Верував во себе, а освоените ФИС поени и постигнати резултати на трките во кои учествував пред завршување на олимпискиот циклус ме истакнаа како најдобра во женска конкуренција. Среќна сум и што ми е дадена можноста да бидам знаменосец на Отворањето на Игрите – вели Цветановска, која на церемонијата на отворањето ќе го носи знамето на Македонија, заедно со алпскиот скијач Дардан Дехари.

Како најголеми натпревари во кои учествувала досега Ана ги истакнува Светското првенство во Оберсдорф во 2021 година и трката од Светскиот куп во Давос (10 км) сезонава, кога настапуваше, како што самата вели, со елитата. Но, конкуренцијата со која ќе се соочи на овие Игри веројано ќе биде најквалитетената за неа досега.

– Сигурна сум дека на Игрите во кои ќе настапам ќе бидам соочена со врвните натпреварувачки од овој спорт– вели Ана.

Ана Цветаковска/ фото: Фејсбук/Ana Cvetanovska

Таа за себе вели дека уште како малечка покажувала склоност кон спортување, се занимавала со повеќе спортови, но тренерот Борче Јовановски бил пресуден фактор да се посвети на нордиското скијање.

– Во време кога го завршував основното училиште, на еден од часовите тренерот Борче Јовановски ни го претстави овој спорт и до каде можеме да стигнеме со сериозност и упорност. Јас прифатив и започнав да го тренирам овој спорт. Во тоа време не ни претпоставував дека еден ден ќе стигнам до настап на зимски олимписки игри – вели Цветановска, која го истакнува тренерот како голема поддршка, заедно со целото нејзино семејство, а собено татко и Јонче Цветановски.

– Сакам да им пренесам на младите идни натпреварувачи во сите спортови дека секој со труд може да стигне дури и до врвот. Што се однесува до мене, јас сум цврсто решена да продолжам и по ЗОИ 2022, уште поупорно да работам за подобри резултати. Не ја исклучувам можноста да дојдам до резултати што би ми овозможиле настап и на следните ЗОИ 2026 година во Милано – вели Ана Цветановска.

Нордиецот Ставре Јада ќе настапи во дисциплините спринт, слободно 1,5 км и 50 км слободно (8 и 10 февруари), а алпскиот скијач Дардан Дехари ќе настапи во слалом и велеслалом (13 и 16 февруари). Тимот ќе тргне за Пекинг на 29 јануари, а во Скопје ќе се врати на 21 февруари.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Аки Рахимовски денеска на вечното почивалиште ќе биде испратен и со две македонски песни кои ги обожавал

Следно

Џафери го честита празникот Свети Сава

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian