Отштета од 2000 евра за заглавените возачи на автопатот во Атина

3 mins read

Возачите кои со часови останаа заглавени со нивните автомобили на автопатот што ги поврзува предградијата во Атина, ќе добијат оштета од 2.000 евра, а 1.000 ќе биде оштетата за патниците кои останаа заглавени во возовите поради прекинот на железничкиот сообраќај, јави дописничката на МИА од Атина.

Снежната бура во Грција од која најпогодена беше областа Атика, поширокиот регион на Атина, создаде низа проблеми, а дел од нив се уште не се санирани иако снегот од рано утрово престана да паѓа.

Повеќе атински населби се уште се без електрична енергија, од јавниот превоз во Атина функционира само метрото, трамвајот сообраќа само во еден дел од линијата, а автобусите и тролејбусите од вчера попладне се повлечени.

Дел од главните атински булевари не се целосно исчистени, а има и оставени возила, откако возачите ги напуштиле поради огромниот сообраќаен метеж што се создаде вчера од претпладневните часови па се до доцна во ноќта.

Најсериозна беше ситуацијата на автопатот „Атики одос” што ги поврзува атинските предградија, каде што беа заглавени околу 1.800 автомобили и околу 3.500 граѓани над 12 часа останаа заглавени, синоќа беше активирана војската која во текот на целата ноќ интервенираше за да им помогнат на возачите, а операцијата продолжи и утрово.

Конкретниот автопат е во сопственост на приватна компанија и министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис рече дека целата одговорност за хаосот на автопатите ја носи компанијата.

На барање на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, компанијата се согласила на секој заглавен автомобил да му исплати оштета од 2.000 евра.

Проблеми со заглавени автомобили, освен на конкретниот автопат, имаше и на неколку атински булевари.

Снегот предизвика проблеми и во железничкиот сообраќај за над 400 патници кои или од Атина требале да стигнат во Солун или обратно и со часови останаа заглавени во возовите, а потоа пренесени во хотели.

Воз што сообраќаше од Атина кон Солун, запре во близина на градот Ливадија, а во обид да биде извлечен, дошло до мал судир со влечната машина поради лизгавите шини, при што најмалку девет лица се здобиле со полесни повреди.

Министерот за транспорт и врски на Грција Костас Караманлис побарал од железничката компанија, на патниците да им плати оштета од 1.000 евра.

Во седум грчки региони меѓу кои и Атика, поширокиот регион на Атина, денешниот ден беше прогласен за неработен, јавниот и приватниот сектор не работат, отворени се само супермаркети, аптеки, бензински пумпи, а министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис соопшти дека одлуката се продолжува, па така и утрешниот ден ќе биде неработен.

Во конкретните региони, исто како и денеска, така и утре, затворени ќе бидат и градинките и основните и средните училишта, а откажани се и закажаните термини за вакцинација.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Стефковски: Ветувањата дадени пред граѓаните се реализираат

Следно

И Боб Дилан го продаде својот музички каталог: „Sony Music“ со зделка од 200 милиони долари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian