Домашни тулумби по рецептот на нашите баби: Што ги прави толку сочни?

3 mins read

Кога ќе посакаме да се почестиме со некој навистина сладок колач, изборот секогаш паѓа на баклавата или тулумбите. Сирупот со кој се натопени овие деликатеси ги прави уште повкусни и веќе по првите неколку залаци ја смирува желбата за шеќер.

Оние кои не сакаат баклава поради оревите, преферираат тулумби, иако тие се потешки за подготовка. Во желбата да го забрзаат процесот и да го намалат бројот на калории, многу домаќинки ги печат тулумбите во рерна, но поради таа причина тие го немаат полниот вкус кој го паметиме.

Што, всушност, прави добри, вкусни тулумби? Совршената комбинација од брашно, јајца, млеко, вода, масло и шеќер – лимонот е тука да им го „крене“ вкусот.

Ви донесуваме старински рецепт според кој нашите баби ги правеле тулумбите и кој со вкусот ќе ве врати во детството.

Состојки:

За прелив:

– 700 гр шеќер
– 500 мл вода
– сок од еден лимон

За тесто:

– 300 мл вода
– 300 мл млеко
– 50 гр маргарин
– 1 лажица шеќер
– 300 гр брашно
– 1 прашок за пециво
– 4-5 јајца (во зависност од големината)

Подготовка:

Во тенџерето сипете шеќер, вода и сок од половина лимон. Загрејте до точка на вриење, па кога ќе зоврие, намалете го оганот и варете уште 15 минути. Потоа, додадете го сокот од другата половина од лимонот и оставете да се излади.

Во друго тенџере сипете вода и млеко, додадете маргарин и шеќер па промешајте. Почекајте да зоврие, а кога ќе почнат да се создаваат првите меурчиња, намалете ја јачината на ринглата и додадете ги брашното и прашокот за пециво. Оваа смеса постојано мешајте ја додека не се згусне, а потоа тргнете ја од ринглата и оставете да се излади.

Во изладената смеса додавајте по едно јајце, па мешајте со миксер.

Калапот за тулумби наполнете го со смесата и сипете директно во тенџерето со масло. Обрнете внимание маслото да биде ладно за да ја задржат тулумбите совршената форма. За совршено обликувани рабови, при истискување од калапот, пресечете ја секоја тулумба со подмачкани ножици.

Тулумбите пржете ги во длабоко масло додека не поруменат. Имајте на ум и тоа дека тулумбите нараснуваат во текот на пржењето, затоа не преполнувајте ја тавата за пржење.

Кога тулумбите ќе поруменат, директно од маслото ставете ги во преливот, оставете ги неколку секунди и префрлете ги во друг сад. Почекајте целосно да се изладат и уживајте.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Тропската бура „Ана” усмрти најмалку 34 лица

Следно

Беретини е противникот на Надал во полуфиналето на Австралија Опен

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian