Ставре Јада: Минимум забава, максимум тренинг е формулата за настап на Игрите

7 mins read

Македонскиот нордиец ги финишира подготовките за своите настапи на Игрите во Пекинг во февруари. Ова ќе бидат втори ЗОИ на кои настапува Јада. Нордиецот зборува за тоа како течат подготовките, какви резултати посакува и какво е чувството да се претставува сопствената земја на најзначајниот спортски настан.

Нордиецот Ставре Јада е со најголемо олимписко искуство од тричлениот македонски тим што ќе настапи на Зимските олимписки игри во Пекинг идниот месец. ЗОИ во Пекинг ќе бидат втори Игри на кои ќе настапи Јада, откако настапуваше и на претходните ЗОИ во Јужна Кореја.

Ставре е моментно на последните подготовки пред поаѓањето во Пекинг и според него близу е до својата врвна форма, па очекува и успешен настап и претставување на Македонија на олимпискиот светски собир во Кина. Беа тоа напорни подготовки, смета Јада кој опишува како е да се занимаваш со еден од најнапорните спортови.

Како течат и од кога траат подготовките за ЗОИ?

– Подготовките за Пекинг траат од самиот почеток на сезоната односно од 10 април 2021 година, но специјално за Пекинг тренирам последниов месец. Бев во Маврово каде имав префектни услови и многу сум благодарен на ски-ценарот Маврово. Сега сум во Италија (Ливињо) и ќе тренирам до 28-29 јануари пред да заминам за Пекинг.

Дали подготовките се успешни?

– Подготовките досега се и тоа како успешни, формата ми е во моментов на околу 95 отсто, а конечните тренинзи следуваат за неколку дена. Се чувствувам подготвен. Работата со новиот тренер Борче Јованоски се одвива најдобро досега, задоволен сум и јас од него, но и тој од мене како натпреварувач.

ставре јада
Ставре Јада тренира во Италија пред заминувањето за Пекинг, Кина/Фото: facebook/Stavre Jada

Уште што останува да се финализираат подготовките?

– Остануваат уште неколку дена потежок тренинг и на височина од 1.800-1.900 метри со што во Пекинг ќе отидеме подготвени, а и таму трките ќе се на 1.800 – 1.900 метри надморска височина.

Колку е тешко да се подготвиш за едни Олимписки игри?

– Исклучиво е тешко. Треба напор, многу издржливост, сила, енергија, но ништо не е невозможно ако се има волја за подготовки. Ако се тренира по план и со памет тогаш се е изводливо.

Од што сè сте се откажале за да стигнете до нивото да ја претставувате Македонија на таков голем настан?

– Еве илустрација. Во 2018 година, на првата олимпијада за мене (Пјонг чанг) тогаш со другари излегов трипати во целата сезона. Во времето на подготовките за оваа олимпијада не сум излегол, не сум отишол на забава, во ноќен клуб, не пијам, не сум отишол на никакви журки, едноставно кога сум Крушево само тренирам и одмарам речиси немам време за да излезам.

На овие ЗОИ настапувате со постигната А норма. Каква лична сатисфакција за вас лично е што на Игрите одите со највисока норма?

– Без сомнение за мене е сатисфакцијата што одам со 63 фис-поени. Но, на ЗОИ е тешко да се направат тие 63 фис-поени. Сепак, одам со една цел, во трката на 50 км да не заостанам повеќе од 25 до 30 минути.

Ќе настапите во две дисциплини. Во која очекувате подобри резултати?

– Очекувам добар резултат на спринтот 1,5 километар, но на 50 км ќе одам со голема мотивација. Ќе се потрудам да имам далеку подобар резултат на маратонот 50 км.

Можат ли олимписките игри да се споредат со било кој друг натпревар во смисла на промоција на сопствената земја?

– Не. Не можат да се споредат. Олимпијада е сонот на секој спортист. Мојот мотив е да ја претставам нашата мала држава на светот, да му докажам дека Македонија има нордиско скијање, дека има квалитет и ќе се обидам во најдобро светло да го сторам тоа.

Македонија на Зимската Олимпијада ќе ја претставуваат Ставре Јада, Ана Цветановска и Дардан Дехари/Фото: facebook/Stavre Jada

Дали јавноста и медиумите во Македонија посветуваат доволно внимание на настапот на целиот наш тим на ЗОИ Пекинг?

– Искрено Македонската јавност и медиуми не се засегнати со нордиско скијање и со Пекинг. Тоа го знам од ЗОИ 2018, така е и сега. Ништо не се променило.

Објективно, на ЗОИ 2022 ќе има многу поподготвени скијачи во споредба со македонскиот тим. Што уште треба да се направи за да се израмните до нивото на најдобрите?

– Со ваква работа на Скијачката федерација и на новиот претседател Огнен Циговски, со работата на Борче Јованоски, со добар кадар, со добри подготовки мислам дека во 2026 година Олимпијадата во Милано ќе биде врвот за македонската нордиска селекција.

Највеличествениот момент

Вторпат сте на ЗОИ. Веќе го знаете чувството. Кој е највеличествениот момент при настапот на еден спортист на олимпијада?

– Највеличенствен момент е влезот во стадионот на самото отварање. Јас во 2018 година бев знаменосец и кога влегов во стадионот пред можеби 80 или 100 илјади публика, едноставно треперев со целото тело. Чувството не може да се опише со зборови.

Учесници на ЗОИ 2022 од Македонија

Македонија ќе биде претставена од тројца спортисти на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг што ќе се оддржат од 4 до 20 февруари. Ана Цветановска и Ставре Јада ќе настапат во нордиските, а Дардан Дехари во алпските дисциплини.

Ана Цветановска (тренер Борче Јовановски) ќе се натпреварува во дисциплините 7,5 км слободно, плус 7,5 км скијатлон и 10 км класично (настап на 5 и 10 февруари). Ставре Јада (тренер Борче Јовановски) ќе се натпреварува во дисциплините спринт слободно 1,5 км и 50 км слободно (8 и 19 февруари). Дардан Дехари (тренер Антонио Ристевски) ќе настапи во дисциплините слалом и велеслалом (настап на 13 и 16 Февруари).

Македонското знаме на церемонијата на отварањето на ЗОИ 2022 ќе го носат Цветановска и Дехари. Олимписката делегација која ќе биде водена од спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски. Тимот ќе тргне за Пекинг на 29 јануари, а во Скопје ќе се врати на 21 февруари.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Првата фотографија на ќеркичката на Александар Белов топи срце: Нашиот дом е дворец од љубов со тебе Мина!

Следно

Сите зборуваат за омикрон, а делтата не е потисната

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian