Данската репрезентација покажува зошто е еден од фаворитите за титулата на Европското првенство кое се одржува овој месец во Унгарија и Словачка.
И вечерва Данците ги израдуваа своите навивачи со победата од 27:25 над Хрватска во својот втор натпревар од главната фаза и се на чекор од пласман во полуфиналето. „Коцкастите“ предводени од селекторот Хорват после овој пораз и дефинитивно се елиминирани од трката за медал.
Хансен беше прв стрелец во триумфот за скандинавската селекција со осум погодоци, а истиот учинок го имаше и Мариќ на спротивната страна.
Во групата „1“ води Данска со шест бодови, по четири имаат Франција и Исланд, по два Холандија и Црна Гора, а ниту еден Хрватска.
Во следното коло за два дена Данска ќе игра против Холандија, Црна Гора се соочува со Франција, а противник на Исланд е Хрватска.