Сојот омикрон ги отвора модуларните болници

5 mins read

Локалното ширење на омикрон варијантата на коронавирусот го зголеми притисокот врз инфективните одделенија поради зголемениот број прегледи на граѓани што имаат симптоми на оваа болест.

Mодуларните болници за пациенти болни од ковид-19 почнаа принудно да се отвораат во некои градови поради порастот на бројот на хоспитализации, ни потврдија директори на неколку здравствени установи низ земјава. Локалното ширење на омикрон варијантата на коронавирусот го зголеми притисокот и врз инфективните одделенија поради зголемениот број прегледи на граѓани што имаат симптоми на оваа болест.

Како резултат на напливот на новозаразени во Гевгелија, каде што има 300 активни случаи, во функција повторно е ставена и модуларната болница. Досега овој објект се користеше само за прегледи, меѓутоа по новогодишните празници нагло почна да расте бројот на луѓе што завршиле на болничко лекување.

Болницата во Гевгелија пребукирана

Директорот на болницата доктор Митко Крџев за „Слободен печат“ вели дека вистинската бројка на активни случаи во градот е многу повисока од официјално регистрираните, затоа што има граѓани што се тестираат само со брз тест од аптека и не влегуваат во системот на Институтот за јавно здравје, а има и такви што воопшто не се тестираат.

– Како резултат на новата состојба, во еден ден имавме 90 прегледи во модуларната болница. На невропсихијатриското одделение се хоспитализирани 12 пациенти и сите се на кислородна поддршка. Моравме да го отвориме и хоспиталниот дел од модуларната болница, каде што веќе се исполнети 10 легла, останаа уште пет. Потоа ќе нема каде да ги сместуваме пациентите, зашто во Гевгелија нема инфективно одделение. Во другите болници, на пример во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, исто така има наплив, така што ни останува да ги лекуваме тука. По новогодишните празници почна напливот поради собирите и колективното славење. Не се почитуваат мерките, кафеаните и дискотеките се преполни. Меѓу хоспитализираните имаме и млади. Во тешка состојба е 39-годишна жена, која е невакцинирана. Повеќе од 80 проценти од хоспитализираните се невакцинирани, а поголемиот дел од возрасните се со коморбидитети – вели д-р Крџев.

Тој додава дека медицинскиот персонал е преангажиран, што доведува до т.н. синдром на согорување и замор. Дел од медицинските лица, исто така, се разболува од коронавирусот што дополнително ја отежнува ситуацијата и ја ограничува можноста за ротации на персоналот.

– Антиваксери има секаде, за жал и меѓу медицинските лица, што му дава посебна тежина на тој проблем. Вистина е дека се малкумина, меѓутоа, ги има и меѓу лекарите. Загрижувачки е тоа што имаме семејства што загубија и по двајца членови од фамилијата и уште тврдат дека ковид-19 не постои. Не знам како ќе се справиме со тоа – додава Крџев.

Во Битола за еден ден 157 прегледи

Притисокот за амбулантски прегледи и болнички хоспитализации расте и во другите градови од внатрешноста. Директорот на штипската болница д-р Ален Георгиев вели дека има вкупно 52 хоспитализирани лица во болницата, но и околу 100 амбулантски прегледи дневно.

– Засега во Штип не е отворена модуларната болница, но не се исклучува таа можност, во зависност од тоа како ќе се развива заразата – вели директорот на штипската болница.

Директорката на битолската болница доктор Билјана Гагачовска за „Слободен печат“ вели дека модуларната болница во овој град не се користи за хоспитализации туку за амбулантски прегледи, а нивниот број расте. За еден ден имало 157 прегледи. Хоспитализирани во Битола се 25 лица, а 33 се лекуваат во т.н. дневна болница.

– Најмладата хоспитализирана пациентка има 19 години и е со коморбидитети, не е вакцинирана и е на кислородна поддршка. Меѓу хоспитализираните доминираат возрасни со коморбидитети – вели д-р Гагачовска.

Во Општата болница во Велес оваа недела нагло пораснал бројот на амбулантски прегледи. Модуларната болница уште не е отворена, но само вчера имало 10 хоспитализации. На инфективниот оддел хоспитализирани се 40 пациенти со ковид, за кои не се знае дали боледуваат од алфа, делта или омикрон варијантата на коронавирусот. Една од пациентките е на 37-годишна возраст со пневмонија.

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Црногорецот со македонски пасош Звицер подготвувал атентат на Вучиќ

Следно

Дневен хороскоп за 22 јануари: Ако некој ви пружи поддршка, не ја одбивајте

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian