Експерти за третманот на ментално болните, кои се опасни по себе и по околината: Полицијата мора прва да реагира

6 mins read

Полицијата по службена должност има обврска да спроведе до истражен судија граѓанин што има насилно однесување кон други граѓани, а боледува од ментална болест. Судијата е тој што врз база на стручно лекарско мислење ќе одлучи дали на тоа лице му е потребно итно болничко згрижување или не.

Ова за „Слободен печат“ го велат здравствени и правни експерти во врска со случајот на скопјанката Билјана Спасеска-Георгиевска, која пред повеќе од една недела во населбата Капиштец физички беше нападната и повредена од сосетка која има психички проблеми. Спасеска-Георгиевска вели дека таа жена постојано ги вознемирува соседите и е агресивна и кон случајни минувачи.

Правните експерти што ги контактиравме велат дека и полицијата има обврска да реагира во вакви ситуации и да го проследи случајот во понатамошна постапка до надлежните правни инстанци. Здравствените експерти, пак, сметаат дека жената треба да добие медицинска нега во соодветна здравствена установа, зашто е опасна по здравјето и животот на тие околу неа, но и поради нејзиното здравје и безбедност.

Полицајците се правдаат дека немаат надлежности

Спасеска-Георгиевска, која живее во иста зграда со насилната жена, опиша како изгледал физичкиот напад врз неа.

– Бев нападната со тупаници по глава, ме влечеше за коса, врескаше, навредуваше. На моите повици за помош, никој од соседите не излезе. Велат дека боледува од шизофренија и дека не зема терапија. Со години е без медицински или каков било друг третман. Против неа има десетици пријави во МВР. Во полициската станица „Беко“ знаат за неа, затоа што понекогаш им вреска и на полицајците, наводно и со камен ги гаѓала. Во моја зградата има десетина луѓе што редовно ѝ се мета – вели Спасеска-Георгиевска.

Таа додава дека полицајците се правдале дека не можат да сторат ништо, откако и сестрата на жената не сакала да преземе нешто, затоа што „не била задоволна од третманот на пациентите во институцијата каде што пред 15 години веќе била сместена“.

Од полицијата велат дека надлежностите им се ограничени во конкретниот случај.

– Да се поднесе тужба е беспредметно, болната има документ дека е непресметливо лице, а таквите не одговараат пред законот. Побарав совет од владин службеник за социјални прашања, но не добив одговор – вели Спасеска-Георгиевска.

Адвокатот Мики Вујиќ за „Слободен печат“ вели дека полицијата мора по службена должност да реагира и да ѝ помогне не само на жртвата туку и на болната жена.

– По самото пријавување ваков немил настан во кој вмешано е лице со нарушено психичко здравје, полицијата е таа, една и единствена, која прва мора да реагира. Го смирува лицето и стражарно го спроведува до судија, кој врз база на лекарска проценка ќе „пресече“ дали на насилното лице му е потребно болничко згрижување – вели Вујиќ.

Не може полицијата да се амнестира

И адвокатот Игор Петрески вели дека во овој случај потфрлила полицијата.

– Во мојата практика сум имал сличен случај каде што психички болен син ги малтретираше родителите. Во една пригода тој беше пријавен во полиција, која го спроведе на суд, а бидејќи неговите родители беа стари и не можеа да се грижат за него и да му бидат старатели, од судот беше упатен на задолжително болничко лекување и чување. Не може полицијата да се амнестира. Без разлика дали на полицијата пријавеното лице ѝ е познато или не, таа е должна прва да реагира и да се погрижи за пријавениот – нагласува Петрески.

Во психијатриските болници се лекуваат околу 150 лица со изречена судска мерка. За овие пациенти, болниците не се во можност да обезбедат средства и во согласност со Законот за извршување санкции, па трошоците за здравствената заштита на овие лица ги обезбедува Министерството за здравство преку соодветна програма. Пациентите со изречена мерка од суд „задолжително лекување и чување“, се лекуваат и згрижуваат во три психијатриски болници: околу 60 во психијатриска болница во Демир Хисар, околу 50 пациенти во Бардовци и околу 40 во болницата во Негорци.

Изработил: Елисавета Бејкова

Што велат лекарите од психијатриската болница во Бардовци

Лекарите од психијатриската болница Бардовци крај Скопје велат дека постојат неколку начини за болничко згрижување насилно лице кое има нарушено ментално здравје.

– Голем број од овие лица имаат старател што се грижи за нив. Доколку тој утврди дека пациентот е насилен или одбива да прима терапија и е опасен за себе и за околината, може да побара болничко згрижување бидејќи се исполнети условите. Насилно лице со ментални проблеми може да биде згрижено во болница на барање лекар назначен од судот да врши процена, по пријава од полиција која констатирала дека лицето го нарушува јавниот ред или мир или е насилно кон себе или кон други лица. За да се избегне повторување на делото, но пред сè за да се згрижи пациентот и тој мора да мине извесен период во болница – велат лекарите од „Бардовци“.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Борба за контрола на фавелите: Бразилската полиција се обидува да ја згасне мафијата

Следно

Големо засилување за КК Феникс 2010, потпиша репрезентативецот Трајковски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian