Бугарски историчар: Петков не се поклони на гробот на Гоце Делчев – тоа е сериозен гаф

6 mins read

Во вторникот во набиената агенда на бугарската делегација при посетата на Скопје, намерно или случајно изостана важен момент со кој во претходните посети на бугарски државни делегации била заокружувана соработката, дијалогот и разбирањето на двете земји – поклонувањето на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас.

Токму соговорници од Бугарија, за тамошните медиуми, прескокнувањето на посетата на грбот на стратегот на македонското револуционерно движење кој зазема посебно место и во бугарската национална историја и за кој историчарите од двете земји се обидуваат на маса да договорат заедничко чествување и соодветни формулации во историските читанки за македонските ученици, го толкуваат како гаф:

-Не знам во овој случај која е полошата опција – нашиот премиер воопшто не слушнал за Гоце Делчев и затоа не успеал да му се поклони на неговиот гроб или да знае кој е Гоце Делчев, но не сметал дека е потребно да му оддаде почит на овој бугарски колос. Во секој случај, ова е сериозен гаф и загрижувачки знак дека проблемот со историјата паднал во ќорсокак, изјави бугарскиот историчар Кирил Илиев во интервју за Днес.бг.

Од Кабинетот на премиерот Ковачевски за „Слободен печат“ нагласија дека „посетата и агендата на бугарскиот премиер на Северна Македонија била координирана и договорена заеднички помеѓу двете МНР“.

Инаку, оддавањето на почит на гробот на Гоце Делчев беше пракса на претходните средби на македонските и бугарските политичари.

Од посетата на екс премиерот Бојко Борисов на 1. август 2019 година/Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Радев пред гробот на Гоце Делчев/ 16 февруари 2018 година/Фото: Скриншот

Овој бугарски историчар смета дека заклучоците од посетата на Кирил Петков на Скопје не се толку позитивни колку што се обидите да се претстават како такви.

-Како прво, намерно беа заобиколени актуелните клучни прашања – не беше јасно како ќе се гарантираат правата на Бугарите кои живеат во РС Македонија, не беше јасно какви механизми ќе се воспостават за да се искорени говорот на омраза против Бугарија и Бугарите во Северна Македонија и темата за заштита на бугарското културно и историско наследство во Северна Македонија не беше покрената, вели Илиев.

Тој реагира што премиерите не зборувале доволно за Мешовитата македонско – бугарска историска комисија која треба да ги решава отворените историски прашања меѓу двете земји.

-Ни збор и кога историската комисија ќе продолжи со работа. Уште понепријатно беше тоа што премиерот се сретна со апсолутно сите политички субјекти, а на Бугарите, кои го чекаа со часови, тој одвои 15 минути да се слика со нив, но без да се распраша за нивните проблеми и нивната борба за човекови права. Наместо тоа, со помпа ни беше кажано да бидеме смирени дека РС Македонија нема територијални претензии кон нас и ова беше вистински триумф на домашната дипломатија. Човек се прашува дали да се смее или да плаче на ваква исповед, смета историчарот Илиев.

Во вторникот бугарскиот премиер Кирил Петков се сретна со македонскиот државен врв, со премиерот Ковачевски и со претседателот Стево Пендаровски како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, а одделните средби на бугарските министри Генчовска и Сабев со министрите Османи и Бочварски и средбата на вицепремиерот Бојан Маричиќ со потпретседателот на бугарското собрание Кристијан Вигенин.

Двајцата премиери Петков и Ковачевски договорија да се формираат работни групи кои ќе бидат од повеќе области – инфраструктура, економија, трговија, деловната соработка меѓу бизнис заедниците, образование, култура, а тука ќе биде вклучена и Комисија за историски и образовни прашања.

Петков прифати дека неговата земја да го користи скратеното име Северна Македонија, подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународни процеси, за што ги известила и Обединетите нации.

Фокусот останува на економската соработка на двете земји, воспоставување на транспортни врски, а на политички план почитување на одредбите од Договорот за добрососедство, потпишан во 2017 година меѓу двете земји од страна на тогашните премиери Заев и Борисов.

Што се однесува до прашањата за малцинствата, барањето да се внесат Бугарите во македонскиот устав, претседателот Пендаровски го протолкува како „мешање во внатрешните работи на суверена земја“, додека Ахмети по средбата со Петков истакна дека „нема ништо лошо да ѝ стане на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија“. Премиерите оставија веројатно тоа прашање да го дискутираат работните групи.

При интензивните средби на македонските и бугарските претставници, не станало збор за македонското малцинство во Бугарија на што реагираше организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин.

„Дилемата дали има место во бугарскиот Устав за малцинствата е лажна“, вели првиот човек на организацијата на Македонците во Бугарија Стојков, во врска со изјавата на Петков дека македонско малцинство во Бугарија не постои.

Македонско – бугарскиот дијалог со кој би се откочил пристапниот процес на Северна Македонија во Европската унија во натамошниот период ќе го олеснат и амбасадорите, односно наскоро ќе биде именуван македонски амбасадор во Софија. 

Оваа позиција е испразнета веќе две години по истекот на мандатот на Марјан Ѓорчев кој оваа функција ја извршуваше од 2016 до 2020 година.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Евтина верзија на молнупиравир ќе се произведува за посиромашните земји

Следно

Вардар 1961 и Е. Пелистер ги дознаа ривалите во СЕХА лигата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian