Од денеска во Грција стапи на сила казната за невакцинираните граѓани постари од 60 години, а секој нареден месец ќе плаќаат по 100 евра доколку во меѓувреме не ја примат вакцината.
Околу две третини од 10,7 милиони луѓе во Грција во моментов се целосно вакцинирани, што е над просекот на ЕУ од нешто повеќе од 70 проценти.
Стапката на смртност и дневна хоспитализација се зголемени поради ширењето на сојот омикрон, додека притисокот врз одделенијата за интензивна нега благо се намалува .
Министерот за здравство Танос Плеврис соопшти дека казните ќе бидат наплатени преку даночната администрација, а парите ќе бидат искористени за финансирање на државните болници.
„Факторот возраст е важен поради влијанието врз јавното здравје“, изјави Плеврис .

Минатата година беше воведена задолжителна вакцинација на здравствените работници, а на крајот на декември и за оние над 60 години.
Од 1 февруари потврдите за вакцинација за возрасни ќе важат седум месеци, освен ако сопственикот не прими дополнителна вакцина.

Според владините податоци, околу 41,5 отсто од 530.000 лица постари од 60 години се целосно вакцинирани.
Грција е седма земја во светот по старост на популацијата , мерено според уделот на населението над 65 годишна возраст, покажуваат податоците на Референтното биро за население со седиште во САД.