Затворени гласачките места за референдумот во Србија

2 mins read

Во 20 часот затворени се гласачките места во Србија за референдумот за измени на Уставот во делот што се однесува на правосудството, на кој граѓаните со заокружување со „да” или „не” одговорија на прашањето: „Дали сте за потврдување на Актот за измени и дополнување на Уставот на Република Србија?”.

– До 18 часот на референдумот се изјаснија 25,25 отсто од гласачите, соопшти директорот на српскиот Републички завод за статистика (РССС), Миладин Ковачевиќ. Тој изјави дека очекува до затворање на гласачките места излезноста на референдумот да биде до 32 отсто.

Вкупно 6.510.233 лица со право на гласа имаа можност да се изјаснат на едно од 106 гласачки места, во периодот од 07 до 20 часот.

За успешен референдум потребно е мнозинство од излезените гласачи потврдно да гласаат за Уставните измени.

Претседателот на РИК Владимир Димитријевиќ најави дека првите резултати од референдумот се очекуваат вечерва по 22 часот, а рокот за конечните резултати, доколку нема повторено гласање, е петок, 21 јануари.

Уставот се менува во областа на правосудството за да се усогласи српското со европското законодавство во процесот на пристапување на Србија во ЕУ, а промената на Уставот ја предложи Владата на Србија со цел да се обезбеди поголема независност, ефикасност и одговорност на судството, поголема независност и одговорност на јавното обвинителство, подобра заштита на правата на граѓаните и зајакнување на владеењето на правото.

Се менуваат уставните одредби за организација на судовите и јавните обвинителства, а имајќи предвид дека постои меѓусебна зависност меѓу овие одредби и другите одредби од Уставот, членовите кои се однесуваат на начелото на поделба на власта, надлежностите на Народно собрание, судот, како и избор и именување судии на Уставниот суд.

Промените се однесуваат и на начинот на кој се избираат судии и обвинители за да се намали влијанието на политиката во процесот бидејќи нив повеќе нема да ги избира српскиот Парламент, туку Високиот судски совет и Високиот совет на обвинители.

Извор: МИА

ВИДЕО: И Цеца го даде својот глас на референдумот – си ја исполни својата граѓанска должност

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Австралија не можеше да остане, дали Ѓоковиќ може да игра на „Ролан Гарос“ во Париз?

Следно

Најнеобичната супа што сте ја пробале досега: Чорба од сирење и пиво

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian