Утре по комеморација за Сасоли во ЕП ќе се бира ново раководство

2 mins read

 Европскиот парламент утре ќе одржи пленарна седница која ќе почне со комеморација за неодамна починатиот претседател на Европарламентот Давид Сасоли, а потоа ќе избира ново раководство.

Утре доцна попладне, на самиот почеток на пленарната седница, ќе се одржи комеморација за Давид Сасоли, претседател на Европскиот парламент, кој почина на 11 јануари. На комеморацијата ќе учествуваат голем број европски лидери, меѓу кои и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и францускиот претседател Емануел Макрон.

Согласно договорот на пратеничките групи, на половина од мандатот на овој состав на Парламентот се избира ново раководство, претседател, 14 потпретседатели и петмина квестори и претседатели на собраниски комисии.

Во вторник пратениците со гласање од далечина ќе избираат нов претседател на Европскиот парламент. Фаворитка за претседателската функција е Роберта Мецола, европратеничка од Малта, која е дел од Европската народна партија.

Според претходен договор, социјалдемократот Сасоли требаше да биде заменет со кандидат на Европската народна партија на средината од неговиот мандат. Другите две големи парламентарни групи, европските социјалисти и либерали, не го предложија својот кандидат, но се уште не одлучиле за кого ќе гласаат.

Зелените ја номинираа Швеѓанката Алис Бах Кунке, Левицата, која ги обединува радикалните левичарски партии, ја предложи Шпанката Сира Рего, а евроскептичната пратеничка група на европските конзервативци и полските реформисти, Косма Злотовски.

Некои европратеници не сакаат да ја поддржат Роберта Мецола поради нејзиниот став против абортусот, што може да доведе до тоа да се свртат и да гласаат за кандидатката на Зелените, но не се чини веројатно дека тоа би можело да го загрози изборот на Мецола. Таа доаѓа од Малта, единствената земја-членка каде што абортусот е целосно нелегален.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Да, и мачките се заразуваат со Ковид-19 – иако веројатно нема тешко да заболат

Следно

Во Собранието втор ден расправа, до полноќ треба да се гласа за избор на новата влада

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian