Протест во Северна Митровица поради забраната на српскиот референдум во Косово

2 mins read

Српските претставници, главно вработени во јавните институции финансирани од Србија, денеска се собраа во центарот на Митровица за да протестираат против одлуката на косовските власти со која не дозволуваат одржување на референдум во Косово за промена на Уставот на Србија. Протести се одржаа и во неколку други општини во Косово со мнозинско српско население, јави Радио „Слободна Европа“.

И покрај повикот на неколку западни земји да дозволат гласање на референдумот, косовскиот парламент на 15 јануари усвои Резолуција против одржување на српски референдум во Косово.

Претседателот на Српската листа Горан Ракиќ на протестот во Северна Митровица рече дека „Србите на 3 април ќе гласаат на изборите што ги распиша Србија“ и најави воведување на реципроцитет кон Приштина од северно Косово, без да се прецизира што би значел тој реципроцитет.

Ракиќ ја повика Европската унија и другите меѓународни актери „да им дадат право на глас на Србите во Косово“.

Тој изјави дека Србите од Косово „нема да дозволат Приштина да ги третира како граѓани од втор ред“, нагласувајќи дека правото на глас е основно човеково право загарантирано со сите меѓународни норми и прописи, вклучително и со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

„Ја предупредуваме Приштина и меѓународната заедница дека одлуката за забрана на референдумот ќе има несогледливи последици“, рече Ракиќ.

Насобраните учесници на протестот носеа транспаренти „За иднината, не за конфликти“, „За слобода, а не живот во ропство“ и „Србите имаат човекови права“.

Во Србија денеска се одржува референдум на кој српските граѓани можат да се изјаснат дали се за промена на Уставот во областа на правосудството. Овој референдум е неопходен за Србија за да го усогласи српското законодавство со европското во процесот на пристапување на Србија во ЕУ.

Преамбулата на актуелниот Устав на Србија, во која се вели дека „Покраината Косово и Метохија е составен дел на територијата на Србија“, нема да биде предмет на овој референдум.

Србија денеска гласа на референдум за измени на Уставот во делот на правосудството

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Казнет црногорскиот ракометар Ласица поради плукањето кон македонските навивачи

Следно

Да, и мачките се заразуваат со Ковид-19 – иако веројатно нема тешко да заболат

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian