Владата има целосен легитимитет и кредибилитет кои ги доби на изборите 2020 година. Министрите имаа големо искуство и богато портфолио. Немам сомнеж дека ќе постават уште поголеми стандарди како се водат институциите, рече Даниела Колева од СДСМ на собраниската седница за избор на владата.
-Има голем број стратегии и проекти, а владината програмата е прецизна, конкретна и јасна. Ќе се продолжи со позитивните политики. Главен предизвик во владината програма се ефектите на ковид пандемијата коишто ги имаше врз економијата – рече Колева.
Таа повтори дека ќе се зголемуваат пензиите и платите. Ќе се зголемат платите во здравството, образованието, судството. Таа потенцира дека стапката на невработеност е на најниско ниво на 15 проценти, а се планира таа да биде 11,5 проценти. Минималната плата ќе расте како и просечната плата која до крајот на мандатот ќе изнесува 34.000 денари.
-Во првите три месеци до Собранието ќе бидат доставени неколку закони од областа на обновливата ернергија. Продолжуваат инвестициите во локалната и во регионална патна инфраструктура. 200 милиони евра ќе се инвестира во земјоделието, ќе продолжи исплатата на субвенциите за земјоделците. На младите земјоделци им се нудат 20.000 евра за нивни проекти – рече Колева.
Опозицијата и забележа на Колева дека старите министри не можат да бидат решение за проблемите во државата, бидејќи тие ги создале.