Што прави денеска: Александра Јуруковска, новинарка и книжевна критичарка

5 mins read

Александра Јуруковска е магистер по компаративна книжевност, уредник и дел од неколку креативни редакции, а до неодамна беше и ТВ-водителка. Александра од неодамна е активна и во маркетинг-секторот, каде што се изразува најдобро низ организирање креативни проекти.

Александра ни долови како изгледа едно нејзино деноноќие.

– 6.30 часот: полесно станува Александар – ранобудник е, јас сум намрштена – ноќна птица сум. Стануваат и децата и почнуваме да се подготвуваме за работа и училиште. Трчаница-брканица. Кога тројцата ќе излезат, јас имам 30-ина минути да се подготвам. Од неодамна си воведов мал скромно-сладок ритуал: пиење кафе пред огледало, додека се средувам.

Сега децата се на распуст, па дома ни владее еден симпатичен хаос и не важи ниту еден распоред, ниту план – целосно сум немоќна (ха,ха,ха).

Александра Јуруковска/Facebook
Александра Јуруковска/Facebook

Вљубеник сум во турското/македонското кафе и неговиот мирис и вкус буквално ми будат радост. Го мислам од вечер, пред заспивање. Второто кафе го пијам на работа со колегите – минути на важно „заедничарење“.

Од неодамна сум дел од малиот и креативен тим на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“. Се препознавме по посветеноста, но и по желбата во секоја приказна и визуелен идентитет што ни го доверуваат клиентите, да вградиме многу уметност и хуманост. Речиси секој проект има социјален импакт, што е силно мотивирачки. По долги години во медиумите и пред камерите, промената ја доживеав посакувано и чувствувам некоја енергија, што се надевам дека ќе потрае.

Слика 2: Кој каде оди?

Дома. Ручекот е брзински, затоа што тројцата мажи се спортисти, со секојдневни тренинзи. Динамиката ни е опасна. На фрижидерот имаме распоред: кој каде треба да оди. Најчесто сопругот е тој што ги носи и зема Горазд (9 и пол) и Дамјан (7) од тренинзи, а јас подготвувам јадење, диплам облека, спремам торбици и дресови. Тогаш пијам и уште едно кафе – бустер за да го продолжам денот. Понекогаш успеваме со Александар да се погодиме и заедно да го испиеме, и има некоја чудна романтка во тоа молчешкум-преморено кафе.

Пандемијата ми ускрати една голема радост – посетата на културните настани и тоа го доживувам мошне емотивно, бидејќи за мене тоа е начин на работа, на другарување, на живот. Сепак, и сега во рамките на можностите, гледам да посетам некоја промоција, изложба, претстава или едноставно да најдам соодветно и безбедно место за да видам драги луѓе.

Александра Јуруковска/Facebook
Александра Јуруковска/Facebook

Слика 3: Денот трае три дена

Најдолго трае „пазарењето“ пред заспивање дали со цртан филм, серија или читање приказни. Двајцата се доста темпераментни и љубопитни, па ниту една тема не завршува само со една приказна или само со едно прашање. На крајот, денот трае три дена, па мама и тато често седат и „бледо гледаат“ во ТВ каде што уште оди некоја детска песна или видео. Во помирните денови, знаеме да се почестиме со винце и некоја серија – комедија. Како човек со најмалку права врз далечинското и врз изборот на ТВ-програмата дома, многу често читам додека да заспијам. Моето време кога сум со себе е обично по полноќ. Тогаш читам, пишувам, фаќам белешки за следните текстови, рецензии, интервјуа и сл. Периодов бев дел од жирито за македонски претставник за наградата „Балканика“, како и за Конкурсот за најдобар расказ распишан од Меморијалниот центар на Холокаустот и имав полни раце убава работа. И понатаму фокусот ми се македонските автори и современата македонска книжевна продукција, која се обидувам навремено да ја следам.

Слика 4: Безредие

Викендите сакам да поспивам наутро, долго да го пијам првото кафе, да излеземе некаде на воздух ако е убаво времето, или да останеме дома и да смислуваме како да има „мир во куќа“. Навидум релаксирано, а всушност крајно безредие. Празничниот период наредивме и неколку сложувалки од 500 парчиња. Понекогаш, додека децата цртаат, што е една од ретките активности кога седат и не скокаат, иако сум антиталент, најдов необична радост во боењето и детски и сликовници за возрасни. Чудни таленти открива човек на 40 години.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Црногорците најавуваат борба за секоја топка: Натпреварот со Македонија е како финале за нас

Следно

Во Германија рекордна седумдневна инциденца на инфекција со коронавирус

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian